Врховен ги „поправил“ судиите од Апелација оти не свикале јавна седница за Панчевски

by fokus

Врховниот суд ја укинал пресудата со којашто е потврдена затворската казна за поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и предметот го вратил на Апелација на повторно судење бидејќи, иако барал Апелација не дозволил да биде одржана јавна седница на којашто Панчевски ќе ги приложи своите докази.

Панчевски преку својот адвокат Петро Јанура, поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда кое Врховен го прифати и кое му обезбедни на Панчевски по неполни две недели во затвор утре да излезе од Шутка каде се пријави сам на издржување на две ипол годишната казна.

Врховниот суд барањето и предметот ги доставил до Јавниот обвинител кој не дал конкретен предлог, туку оставил Врховниот суд да цени дали се сторени повреди.

Како што стои во одлуката на Врховен, којашто е јавно објавена, одлуката на Апелација да му на намали затворската на казна на Панчевски од три и пол на две и пол години затвор, била донесена на затворена седница, иако Панчевски барал на седницата да присуствува и тој и неговиот бранител.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Но, Апелација во образложението на пресудата навел дека за случајот не било неопходно одржување на јавна седница, заради ефикасност во постапувањето и дека присуството на странките не е нужно и корисно, бидејќи жалбите содржеле јасни и детални образложенија и дека со тоја не се ограничува правото на обвинетиот.

-Имајќи го во предвид наведеното, по оценка на Врховниот суд на Република Северна Македонија со ваквиот начин на постапување второстепениот суд сторил повреда на одредбите на кривичната постапка во жалбена постапка, во смисла на член 465 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка и на правото на правично судење од член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, се вели во образложението на Врховен.

Фокус контактираше и со неговиот адвокат кој рече дека не сака во моментот да дава изјава.  Според првичните правни толкувања, со укинувањето на пресудата на Апелација, првостепената пресуда на велешкиот суд станува неправосилна. Врховен треба да ја испрати одлуката до судија за извршување на санкции во велешкиот суд кој треба да испрати решение до истражниот затвор во Шутка за да го пуштат Панчевски на слобода.

Според информациите од затворот, најверојатно судијата за извршување на санкции решението треба да го испрати до затворот утре и Панчевски да биде пуштен.

Панчевски првично беше осуден на казна затвор од 3,5 години, но Апелација му ја намали за една година. Беше огласен за виновен за Злоупотреба на службената положба, поточно дека рачно местел предмети кај одредени судии, како претседател на судот, во периодот од 2013 до 2016 година.

https://fokus.mk/panchevski-izleguva-od-zatvor/

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости