По две години, конечно протоколи за лекување од ковид, досега секој лекуваше како знае

by Fokus

По две години, конечно во Македонија се донесени препораки за лекување од ковид 19, кои денеска сабајле биле доставени до сите болници, неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, како и во документот со кој располагаме се наведува дека Комисијата за заразни болести при министерството за здравство усвоила препораки за лекување од ковид.

„Препораките за лекување на ковид 19 ќе бидат поставени во фолдерот – „Документи – ковид протоколи, кои ви се достапни на вашите компјутери. Раководителите на одделите/одделенијата да ги запознаат вработените и да ги задолжат да ги применуваат при лекување на ковид. За примена на протоколите ги задолжувам сите здравствени работници.

 

За спроведување на ова укажување се одговорни раководителите на одделите/одделнијата и кординаторот за ковид во болницата“ се наведува во документот испратен денеска.

Речиси две години, во Македонија нема официјални протоколи за лекување од ковид, според кои ќе се раководат од матичните лекари, па се до лекарите специјалисти во болниците.

Веќе подолг период, самите лекари алармираат дека под итно мора да бидат донесени протоколи за лекување, но тоа не го влучи црвениот аларм кај здравствените власти. Единствено скопската Клиника за пулмологија имаше одредени протоколи, но сепак тие беа наменети за лекување само во таа здравствена установа.

Смртноста од опасниот вирус никако да се намали, па само во денешниот извештај на министерството за здравство има дури 36 починати, од кои најмладиот е 44-годишно лице од Гевгелија. Досега починале повеќе од 8.800 заболени. Од тука се потикнуваат многу прашања- од несоодветно лекување, па се до тоа дека со овие пациенти работи нессодветно образован медицински кадар.

Со донесување на официјални протоколи дури после две години може да се заклучи дека досега секој лекар лекувал, како што знаел без да се раководи според некои препораки.

„Фокус“ објави и разговори со повеќе лекари, кои се сомневаат дека несоодветното лекување е главната причина за толку алармантната смртност од ковид 19.

Дел од семејствата на кои им починаа најблиските од смртоносниот вирус до нашата редакција ги доставија сите документи, тврдејќи дека тие починале поради лекарски грешки, поточно предозираност од антибиотици и кислород.

Во неколку од јавните здравствени установи веќе има формирано и комисии, кои ќе го испитуваат начинот на лекување на дел од пациентите, а жалби има доставено и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и до Лекарската комора.

Досега во земјата се направени вкупно 1.855.720 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 289.797, бројот на оздравени пациенти е 272.184, на починати е 8.829, а бројот на активни случаи изнесува 8.784.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости