За десет дена, поточно на 8 ноември, му истекува времениот пасош на бизнисменот Орце Камчев, осомничен во истрагата „Империја“. Тој ќе треба да го врати пасошот во судот, кој пред шест месеци го доби со амин на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Откако јавноста го забележа Камчев на европското првенство во Келн, Германија, тајната беше откриена, односно обвинителката Јанева се правдаше дека му дала дозвола за времен пасош бидејќи требало да учествува, како што рече „на некој Управен одбор“, но не знаеше каде.
„Фокус“, тогаш објави дека постои пракса на обвинети или осомничени да им се даваат времени пасоши, кои се во траење од шест месеци, но строго за лекување во странство, односно поради здравствени причини. Упатените велат, дека по завршување на обврската на осомничениот во странство, тој треба да го врати пасошот веднаш, односно не значи дека може да шета со него. Рокот од шест месеци на кој се издава е пак поради административни причини, но тоа не значи дека осомничениот или обвинетиот може тие шест месеци постојано да патува.
Изминатите денови во јавноста се појави и шпекулација дека Камчев, заедно со неговата сестра и мајка, исто така осомничени во „Империја“ се иселиле од државата, но од Обвинителството немаат таква информација.
-Јавното обвинителство нема информација дека лицата за кои прашувате ја напуштиле државата. Имајте предвид дека само за еден од осомничените е определена мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање. По дадена согласност од специјалниот јавен обвинител, на овој осомничен му е издадена патна исправа со ограничен рок на важење, ни одговорија од Обвинителството.
Истрагата за „Империја“ од неодамна е во рацете на редовното обвинителство, но повторно надлежна е обвинителката Лиле Стефанова.
Медиумите веќе пишуваа дека Камчев во изминативе месеци тивко и полека ги напушта бизнисите во земјава. Се повлече од управувањето и стана малцински сопственик на Систина, а претходно се повлече од директорското место во Орка Холдинг.
В.В.