Нема договор меѓу СОНК и МОН, преговорите продолжуваат

by fokus

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование денеска не постигнаа договор, но најавија дека до крајот на неделата повторно ќе се состанат.

По средбата, министерот Арбр Адеми изјави дека преговорите продолжуваат.

– За жал, денеска не се постигна конечен договор што значи дека преговорите ќе продолжат. Разгледани се повеќе опции, повеќе можности и алтернативи за кои ни треба дополнително време да ги разгледаме од наша страна. До крајот на неделата сигурно повторно ќе имаме работен состанок и мислам дека тоа што го постигнавме досега е за поздравување, изјави Адеми.

Според него, штрајк е непотребен, бидејќи, како што рече, штрајк се организира во околности и услови кога нема решение.

– Ние нудиме решение и тоа трајно решение, три месеци порано или подоцна секако дека има влијание, но долгорочно истиот ефект го имаме, рече Адеми, додавајќи дека според новиот закон за наставници и стручни соработници во основно и средно образование за првпат се предвидува професионален кариерен развој и оти при секое унапредување има поголема плата од тоа што е сега предвидено.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков посочи дека се спорни две точки – зголемувањето на платите да биде поголемо од десет проценти и да почне од 1 јануари следната година. Изрази уверување дека министерот и Владата ќе направат напори да излезат со предлог прифатлив за СОНК.

МОН останува на ставот платите да се зголемат за 10 проценти во април, но од СОНК не се согласуваат со ова и најавија генерален штрајк за 11 ноември доколку не се постигне договор.

Поврзани новости