Враќањето на предметите на СЈО го пролонгира времето до пресуда и ги прави процесите скапи, смета Јовески

by fokus

Враќањето на предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство на почеток го пролонгира времето до пресуда и ги прави процесите скапи, па затоа треба да се бараат други решенија за во иднина, смета републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески откако најмалку шест предмети на поранешното специјално јавно обвинителство се вратија на почеток со пензионирање на судијата – поротник, Митко Сандев и со разрешувањето на судијата Горан Бошевски.

Јовески смета дека слабоста е во Законот за кривична постапка и очекува во новата судска постапка на овие предмети да им се даде динамика и побрзо да се дојде до судска одлука.

-Треба да се преоцени потребата дали во вакви случаи кривичната постапка треба да почне од почеток со оглед дека доказите се изведени, за нив постојат соодветни записи, сега веќе рочиштата се снимаат, и дали не може на новиот член на судскиот совет да му се остави дополнително време да се запознае со дотогаш изведените докази. Или, пак, да се да се даде соодветна можност на судијата-поротник да постапува по тој предмет се до завршување на предметот без разлика што наполнил определена возраст. Има повеќе решенија, но очигледно дека актуелното значи определба слабост по постапувањето во овие предмети, процесите ги прави скапи, а некаде одолговлекувањето оди на штета на обвинетите лица, рече Јовески.

Со разрешувањето на поротникот, од почеток ќе почнат предметите на СЈО, „Титаник“ за изборните манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, „Талир“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, „Топлик“ за изградбата на Сончев град и „Тендери“ за изградбата на Музејот на ВМРО, во кој е обвинета поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

Со разрешувањето пак на судијата Горан Бошевски од почеток почнува судењето за „Траекторија“ и за „Талир 2“, но и за „Шпански скали“ кој не е дел од предметите на СЈО. Значи од почеток почнуваат шест предмети од поранешното СЈО, односно вкупно седум заедно со „Шпански скали“.

Кривичниот суд денеска соопшти дека по назначување на нов судија – поротник во дел од предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, за август и септември закажани се термини за одржување на главните расправи за предметите „Титаник“, „Топлик“ , „Талир“ и „Тендери“.

Од Судот информираат дека за „Топлик“ рочиште е закажано на 23 август 2021, ден потоа на 24 август за „Титаник“, за „Талир“ на 3 септември, додека за „Тендери“ на 6 септември, за што веќе се известени странките во постапката.

Поврзани новости