СДСМ: Заев има двојно поголем рејтинг од Мицкоски

by Fokus

СДСМ и Зоран Заев се политичка партија и лидер со најголема доверба од граѓаните, велат социјалдемократите кои објавија анкета на „Брима“ која партијата ја откупила откако истата им била понудена.

Анкетата е правена теренски, во домовите на испитаниците, во периодот од 28 мај до 16 јуни, преку ТАПИ методот. Опфатени се 1 194 испитаници, а маргината на грешка е плус минус 2,8 отсто.

На прашањето „Доколку денеска се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате“, 18,9 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, додека 16,3 отсто за ВМРО-ДПМНЕ. Разликата е 2,6 проценти што е во маргината на грешка.

Следни, според резултатите, се ДУИ со 6,3 отсто, Алијанса за Албанците со 5,9 проценти, Левица со 4,3 отсто, Беса со 3,9 проценти и ДПА 1,6 отсто.

-Ако се земе предвид и рејтингот на Движење БЕСА која е дел од коалицијата „Можеме“ со која настапивме на парламентарните избори, тогаш рејтингот на оваа коалиција е уште повисок и изнесува 22,8 отсто. Со ова се потврдува високата доверба на граѓаните кон концептите и политиките на СДСМ, се потврдува дека СДСМ останува силен, изразит фаворит на претстојните избори, велат од СДСМ.

Кога станува збор за рејтингот на политичарите, од партијата посочуваат дека Заев има повеќе од дупло поголема доверба во споредба со Христијан Мицкоски. На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?“, 12,6 отсто од испитаниците го посочиле лидерот на СДС, а 6 проценти по лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Повеќе од двојно е разликата во рејтингот помеѓу претседателот Заев и Мицкоски. Тоа е потврда дека граѓаните знаат дека со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев се можни напредокот, развојот и интеграцијата. Тоа е потврда дека граѓаните не му веруваат на Мицкоски кој освен деструкција, блокади и лажни вести не може да понуди ништо друго. Споредено со исто истражување од ’Брима‘ спроведено во јули месец 2020 година, евидентен е растот на довербата кај граѓаните кон претседателот Зоран Заев од 3,1 процентен поен, а раст бележи и рејтингот на СДСМ, што покажува дека довербата од граѓаните постојано се зголемува, велат од партијата.

Според анкетата на „Брима“, по Мицкоски следува Али Ахмети со рејтинг од 5,6 проценти, потоа Зијадин Села со 5,3 отсто, Стево Пендаровски со 4,6 проценти и Димитар Апасиев со 3,5 отсто.

Дел од анкетата се и прашања поврзани со ЕУ за која големо мнозинство од испитаниците сметаат дека земјата треба да стане членка на Унијата.

На прашањето „Што е подобро за нашата земја, да стане или да не стане членка на ЕУ?“ дури 76,3 отсто од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, додека само 19,8 отсто одговориле дека е подобро да не станеме членка на ЕУ.

Ова, велат од СДСМ, значи дека нашите граѓани се силно поставени на европскиот курс и не гледаат алтернатива на ЕУ. Истовремено, додаваат од партијата, ова е силен пораз за структурите кои заговараат свртување од европската агенда и враќање назад во меѓународна изолација и поделби дома.

Поврзани новости