Вработените во „Бетон Штип“ што го градеше „Скопје 2014“ два месеци не земале плата

by fokus

Речиси 200 градежни работници на Бетон Штип, еден од најголемите изведувачи во проектот „Скопје 2014“, два месеца не добиле плата и во ек на градежната сезона се пратени дома, објави порталот СДК. На градежниците им било кажано дека ќе бидат известени кога ќе бидат вратени на работа и дека ќе добијат плата, но било побарано од нив да не креваат тензии и да не штрајкуваат.

Во меѓувреме, дел од работниците отишле во странство, а дел за да ја искористат градежната сезона почнале да работат во други градежни фирми, па сега е неизвесен вкупниот број на вработените во „Бетон Штип“. Заминувањето на работниците се зголемило откако се појавија гласини дека фирмата веќе е под стечај. Но, од Основниот суд Штип велат дека стечајна постапка за „Бетон Штип“ досега не е покрената.

„Стечајна постапка за ‘Бетон’ до денес не е покрената во Основниот суд во Штип каде е седиштето на фирмата, ниту било поднесено некакво барање за тоа. Од тие причини не може да се каже кои се причините за евентуалниот стечај. Сè ќе биде познато ако официјално се добие барање за поведување стечајна постапка“, вели портпаролот на судот, судијата Сашко Георгиев.

Според истражувањето на БИРН, „Бетон Штип“ има работено како изведувач на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра. Најголеми договори има склучено со државата за ФИНКИ – 12.804.035 евра, МЕПСО – 10.579.065 евра и за заедничката зграда на Уставен суд, Државен архив и Археолошки музеј – 9.064.807 евра.

Поврзани новости