Железничкиот сообраќај во државава денес е во прекин. Од утрово во осум часот патничките и товарните вагони не сообраќаат поради протест на вработените од „РЕ одржување“ – работилница во подружницата влеча на возови при „Железници – транспорт“.
Прекинот со работа на вработените за одржување на локомотивите и патничките гарнитури е поради неисплатена плата за април.
Прекинот на сообраќајот стартувал со возот кој во 9:30 часот требало да сообраќа на релацијата Скопје – Велес.
„Бидејќи сè уште не е исплатена платата за април работниците одлучија од денеска во осум часот да не си ги извршуваат работните задачи односно нема да ги поправаат и прегледуваат машините и како такви тие не можат да бидат вклучени во сообраќај“, соопштија од „РЕ одржување“ во известување што го доставиле до генералниот директор и Управниот одбор на „Железници – транспорт“.
Согласно договорот со раководството на железничката компанија од изминатиот период, доколку до 15 во месецот не биде исплатен првиот дел од платата односно до 25 вториот дел од платата, наредниот ден работниците ќе престанат да ги извршуваат работните задачи и нема да ги поправаат и прегледуваат машините.