Националната установа Музеј на македонската борба – Скопје и во новата учебна година го продолжува проектот „Музејот – пријател на децата”.
– Со овој проект се предвидува одржување креативни и едукативни работилници во просториите на музејот со ученици од литературни, ликовни, драмски и историски секции од основните училишта и од средните училишта од градот. Музејот ги поканува заинтересираните ученици и наставници да го пријават своето учество во работилниците. Учесниците ќе добијат диплома за учество, а за најуспешните предвидени се и и награди. Музејот ќе обезбеди материјали за работилниците и освежување за учесниците. Оваа година проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија – се вели во денешното соопштение од Музејот.
Во музејската поставка се презентирани 109 восочни фигури и 16 уметнички слики-портрети на најпознати македонски дејци, револуционери и интелектуалци, 80 уметнички слики-масовни сцени на значајни настани од македонското револуционерно минато, макети, карти, оригинални предмети (документи, фотографии, весници, брошури, албуми и др.), оружје (сабји, кубури, бајонети, револвери, пушки, двогледи и др.).