Сите луѓе на градоначалникот Франгов

by lali

„Работете исклучиво по закон. Не помислувајте да направите нешто верувајќи дека некој ќе ве заштити од која било причина, или дека никој нема да ве фати. Не подлегнувајте на притисоци од кого било во однос на нечесно, неетичко или незаконско работење. Кој сака нека ве притиска или заплашува, држете се до законот и моралните и етички вредности. Секогаш ќе бидете на правата страна, и секогаш тоа ќе ви се исплати“ – овие речници пред една година ги пренесе сајтот на Владата цитирајќи го фејсбук-профилот на премиерот Никола Груевски.

Премиерот, во препознатлив стил, со зборови избрани да ги разбере секој, ги повикува државните службеници да постапуваат законски при извршување на службата, со ветување дека законот е еднаков за сите и дека кога-тогаш виновникот ќе одговара за погрешните постапки. Сепак, ваквата охрабрувачка порака до прекубројната администрација, ќе има резултати ако некој пријави беззаконие или ако некој дејствува против кршењето на законите. Во спротивно, сѐ е залудно.

Дали ехото од напишаното од Груевски стигнува до сите негови подредени или партиски верни другари? Колку законот може или има начин да им застане на патот на оние кои, сепак, решиле дека можат поинаку да се однесуваат, а притоа да не понесат одговорност? Дали премиерот и министрите знаат дека на локално ниво граѓани постојано реагираат и се жалат на прекршување на законот од страна на политичките авторитети?

Тоа е особено изразено во местата во кои тесен круг на локални моќници со политички релации, немилосрдно, ем кршат закони, ем полнат сметки, ем на крајот никој не е одговорен, а камоли санкциониран. Пример за такво функционирање на локалната самоуправа е Гевгелија. „Фокус“ истражуваше и откри документација која потврдува дека сепак, законот не е ист за сите. Односно – кога во власта имате пријатели, или пак на некаков начин сте ја помогнале и финансирале, тогаш сигурно законот ќе се исплаши од вас, наместо вие од него.

ОД ЌУРКЧИЕВО ВО ФРАНГОВО

Многумина во Гевгелија знаат сѐ за политиката и законите или барем мудруваат на тие теми. Но, нивните гласини некогаш се поткрепени и со факти и тоа не само за настани во сегашноста, туку го паметат и минатото, па затоа им е лесно да прават проекции и за иднината. Некогаш Никола Ќуркчиев од СДСМ го нарекувале градскиот паша. Силно позициониран на градоначалничката функција – палел и гасел, па граѓаните решиле да го симнат од тронот. Но, не знаеле дека и по некое време во градската фотелја ќе им седне уште еден, според нашите соговорници, идентичен политичар, Иван Франгов. Неможејќи да го зауздаат и да го предупредат дека и тој претерува, но и да ги скротат, налутените граѓани од Гевгелија ни дадоа препорака каде да истражуваме.

Случаи со прекршување закони во Гевгелија има многу, но нема ниту еден случај на понесена одговорност. Сепак, ќе се фокусираме на неколку од нив, пред сѐ, на оние за кои поседуваме документација и тоа од државни органи – истите оние кои се надлежни да проверуваат, да покренуваат одговорност и да казнуваат. Градежната експанзија, на пример, по која никнат згради на секое ќоше, а тротоарите се претвораат во паркинзи, ја нема одминато ниту Гевгелија. Но, како локалните власти вршат контрола врз градежништвото?

Панче Киров е раководител на секторот за урбанизам, а истовремено е основач и сопственик на фирмата „Стоун Форм“, каде што управител е неговата сопруга Александра. Поголем дел од урбанистичките планови за Општина Гевгелија ги изработува токму оваа фирма. Останатите планови ги изработувала фирмата „Данон“ во сопственост на друга вработена, како советник во општинскиот сектор за урбанизам. За ваквиот конфликт на интереси, по претставка на граѓани, се заинтересирала и Антикорупциската комисија. Но, никогаш никој не е повикан на одговорност, освен што Комисијата препорачала да се сменат управителите на фирмите. Со оглед дека и другите надлежни се известени за непотизмот и поврзаноста на неколкумина преку фирмите, а никој од повиканите не проверил како се подготвувале плановите за градот, останува отворено прашањето како истите фирми работеле на задачата и дали имало коруптивно однесување?!

Згора на тоа, тврдат упатените, сите урбанистички планови се носеле уште на состаноците на првостепената комисија. Иако постои обврска по јавната расправа урбанистичките планови да одат на гласање кај, условно, второстепена комисија, таквата комисија, како што потврдуваат документите, не одржала ниту една седница во времето кога се носеле плановите за градот, вклучително и Деталниот план за општината. Клучот е во тоа што во првостепената комисија која ги одобрувала плановите членуваат вработени од општината кои роднински се поврзани со лица од фирмите задолжени за изработка на плановите. Пред сѐ, лицата со иницијали А.Ч. и О.Б. Така, лесно се одобрувале урбанистичките решенија, особено тие што предвидувале изградба на згради.

Дека за цел мандат не била одржана седница на повисоката комисија знае и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Тој дури испратил и допис до градоначалникот Франгов, во кој секако, не пројавува интерес повеќе да провери, туку едноставно потсетува на законската обврска што ја имаат надлежните во локалната самоуправа, дека урбанистичките планови се во надлежност на општината и притоа препорачува доследно почитување на законите. И толку. Тоа што се носеле планови и се градело на терен – не е примамливо за проверка.

А дали некој ги штити одговорните и каква е улогата на градоначалникот Франгов во спречувањето на ваквите појави? Низ градот многумина сакаат да коментираат дека Антикорупциската комисија не реагира затоа што претседателот Ѓорги Сламков е по потекло од Стојаково, од истото село од каде што е сопругата на градоначалникот Франгов, па дури и сопругата на премиерот Груевски, како и уште неколкумина вработени од кругот на градоначалникот. Но, да ги оставиме потеклото и озборувањата настрана, зашто многу посериозни се информациите за грешките кои ги направила администрацијата во гевгелискиот сектор за урбанизам, а врз документите стои потпис и на Франгов. Иако сите се сомневаат во непотизам и судир на интереси, за државните органи нема ништо спорно. Како се тогаш сите еднакви пред законот? И како да се пријавуваат еден со друг, како што ги повика премиерот?

ПИШИ-БРИШИ ТАКТИКА

И додека граѓаните се прашуваат што се случува, зградите во Гевгелија се множат. Но, интересите не остануваат само во становите. На двапати градските власти се впуштиле во авантура со државни парцели. Потоа, исплашени од реакциите и од евентуална истрага, се повлекле.

Во околината на Гевгелија постои магацин од 700 квадрати. Сопственост е на месната заедница Мрзенци. Неколку години просторот бил издаден под кирија. Со уникатна замисла кираџијата станал сопственик на магацинот и тоа, како што се тврди, за едно евро од квадрат, иако реалната цена е далеку повисока. За тој да ја оствари целта, општината подготвила Решение за утврдување правен статус на бесправен објект, иако магацинот не е тоа. За да бидат срамот и одговорноста поголеми, по извесно време, градоначалникот Франгов издава ново решение со кое првичното го прогласува за ништовно. На документите стои и потписот на главниот архитект Киров. Но, внимавајте, наеднаш градските власти откриле дека објектот е правно изграден и дека не може така лесно да изберат сопственик и да го продадат како државен имот. Ако е така, а така заклучува општинското решение, тогаш зошто во првото решение со кое тргнале во авантурата е наведено;

Градоначалникот по разгледување на приложената документација, извршениот увид на самото место, увидот од урбанистичката согласност, констатира дека се исполнети условите за утврдување правен статус на бесправниот објект“.

Дали некој му подметнува документи на градоначалникот? Или некој го манипулира со увидот? Или, пак, како причина за повлекувањето може да се смета и дојавата на граѓани до истражните органи – Јавното обвинителство и Секторот за организиран криминал при МВР.

Како и да е, одговорноста ја нема! Иако некој си направил пиши – бриши врз решението со којзнае каква намера, нема санкции ниту за оние кои можеби го изиграле градоначалникот, доколку тој навистина не ја знаел вистината. Но дали е така? Ако е така, тогаш Франгов не ја научил лекцијата од претходно.

Да проследиме уште еден идентичен случај во Трговскиот центар во Гевгелија. Една година пред случајот со магацинот, едно лице кое користело локал под кирија од друго приватно лице, поднело барање за утврдување правен статус, но само на терасата од кафе-барот, која е државен имот. И во овој случај е донесено идентично решение според увидот на терен, урбанистичката согласност и документацијата. На ист начин, по ниска цена, општината ја продава терасата, но подоцна пропаѓа целиот план. Со ново решение првото се прогласува за ништовно. И тогаш има ист епилог – нема сопственик, нема продажба на тераса во центарот на градот за стотина евра. Се било погрешно изведено, но нема одговорни!? Потписниците на решенијата се истите, Франгов и Киров. Иако првиот има обврска да ја оценува работата на вториот, па после грешка и да го опомене или да го казни, тоа не се случува.

За да ја слушнеме и нивната страна, односно како во иднина ќе постапуваат во вакви случаи и кога конечно ќе се бара одговорност, оставивме официјална порака во кабинетот на Франгов. Не уверија дека темата ќе биде пренесена до градоначалникот и до раководителот за урбанизам. Ги немаше до затворањето на овој број на „Фокус“.

БИЗНИСОТ Е НАТПАРТИСКИ

Шемата на планирање и изведување градежни зафати ја знаат сите низ градот. Се вртат едни те исти луѓе. Ама, кога се е во круг, задоволството е на квадрат. А тука сѐ се пресметува во квадратни метри. Објектите, како и во другите градови, излегуваат од нормалниот изглед и узурпираат јавен простор. И тука тротоари има се помалку, оти се претвораат во паркинзи. Кој и за кого купува станови во малата Гевгелија, е сосема поинакво прашање.

Важно за проверка е како фирмите „Стоун Форм“ и струмичката „Пешо Инженеринг“, за која се смета дека ги добива и извршува поголемиот дел тендери во градот, имаат по неколку станови во една зграда. Фирмата на Киров, според последната проверка во Катастар, има три стана. А на негово лично име има еден. Ги немал пријавено во Антикорупциска се додека во комисијата не пријавиле граѓаните. Низ градот лебдат прашањата како семејството кое користело социјален стан од државата, сега стопанисува со станови, фирми и инвестира во градби?! Градежниот круг не се затвора тука.

За близок човек до градоначалникот важи и Никола Капсаров, кум и соработник на Ќуркчиев од времето на СДСМ. Тој стана сопственик на транспортното претпријатие „Трансбалкан“. Јавна тајна е дека парите наводно биле позајмица од роднина од Америка. Фирмата е купена за далеку пониска цена од реалната. Старата автобуска станица во центарот беше продадена, а за локацијата била издадена маркичка за голема зграда. Автобуската се дислоцираше кај железничката станица во многу помал објект. Сега се подготвува и маркичка за изградба на бензинска пумпа на локацијата каде што е сместена дирекцијата и сервисот на „Трансбалкан“. По се изгледа бензинската ќе ја гради Капсаров заедно со уште еден од кругот на градоначалникот.

Пред смената на власта во 2006-та, а потоа и на локалната, Груевски и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ токму за Гевгелија водеа кампања дека мора да престане владеењето на Ќуркчиев и неговиот кум Капсаров затоа што го претвориле градот во пашалак. Дури и кандидатот Васко Шутаров од ВМРО-ДПМНЕ уверуваше дека ќе направи ревизија на приватизацијата на фирмата. Но, не само што никој ништо не проверил, туку сопартијците на Шутаров лесно доделиле маркичка за зграда и го пренамениле просторот, а потоа и за бензинска пумпа. Затоа граѓаните се прашуваат дали нешто се променило изминатите години. Тие секако дека се чувствуваат како жртви затоа што бизнис интересите секогаш ги спојуваат моќните.

НЕПОТИЗАМ ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ

Списокот на поединци кои се во релација со локалната самоуправа, а притоа не одговараат за некои постапки, е долг. Има многу примери со кои се докажува дека законот не важи за сите еднакво, како што владејачката партија милува тоа да го претстави. Во официјалните финансиски извештаи за Здравствениот дом во Гевгелија, на пример, сомнеж отвора една од графите во кои е наведена сума од 50 илјади евра како побарување од вработените. Според неофицијални информации тоа се пари позајмени од касата на домот уште во 2008-та пред изборите, но во извештајот за 2011-та уште стојат како сума. Изгледа ништо не е сменето до денешен ден.

Да одговори на повикот на „Фокус“ единствено се охрабри директорот на домот, Томислав Петков. Тој потврди дека има такви заеми од вработени, но негираше дека целата сума е земена наеднаш и дека тој има некаква врска со тоа, а рече и дека полека се враќаат парите на домот. Не се согласи со нашите сознанија дека е под притисок да се вратат парите. Додека него го притискаат, за случајот знае и министерот за здравство Никола Тодоров. Нејасно е дали се остава уште простор за враќање на парите или ќе се преземе нешто. Инаку, директорот си го вработил братот како возач во итната помош. Некои граѓани дури одат дотаму што тврдат дека неколкупати забележале како возилото се користи за други цели освен медицинските, пред се по планинските падини на Кожуф. Петков, пак, е кадар на Демократскиот сојуз, откако претходно беше во НСДП, а татко му беше советник од СДСМ.

Во другата болница, пак, во општата, директор долги години, како вршител на должност е Сретко Јованов. Неговата сопруга е член на комисијата за јавни набавки во истата болница. Дали е доволно тоа што за секоја набавка директорот потпишува изјава дека не постои непотизам при јавните набавки или треба потемелно да се провери? За Јованов се зборува дека извршува и други функции за плата, како лекар во едно казино и како лекар во затворот.

Кога сме кај јавните набавки, во Јавното комунално претпријатие во Гевгелија нив ги спроведува извесна Убавка Вегова, позната како роднина на градоначалникот Франгов. Понатаму, од Франгов за началник на полициската станица е поставен Илија Делев, кој во минатото имал пресуда со условна затворска казна за учество во сообраќајка, кога со возило налетал на стадо овци и овчар кој загинал. За да биде апсурдот поголем, дента кога го примил решението за прв човек на локалната полиција учествувал во уште една сообраќајка на истата локација, ама за среќа само со материјална штета. На тој командир му се забележува за селективниот однос кон некои граѓани.

Ги споменуваат примерите со директорот на гимназијата Борче Нечевски (поранешен командир и општински советник). Тој учествувал во две тепачки, но секогаш поминувал со прекршочна пријава, иако во двата случаи имало телесни повреди. Некои инволвирани дури и лежеле во болница. А во налетот на градежната експанзија, сега е и гимназијата со која раководи. Според замислата на урбанистите во градот, во кругот на оваа образовна установа ќе се градат станбени единици, наместо рекреативни содржини.

И така некако се затвора кругот со градежништвото во Гевгелија. Сите се на некој начин поврзани, или според функцијата, барем се соработници со градоначалникот Франгов. За сите случаи кои ги нотиравме постојат документи. За таквите докази знаат и голем број државни институции, но никогаш немало конкретна завршница. Е како сега да се охрабрат ситните административци во општината и согласно повикот на премиерот да пријават што се случува во нивните ходници?! А зарем има разлика кој пријавил? Очигледно, има. Ако пријават граѓани, исто како и да не го направиле тоа. Зарем државните службеници се поважни од обичните граѓани? Е па, нека се охрабрат и нека пријават, па да видат дали ќе им се исплати, како што ги уверува Груевски.

 

ФРАНГОВ ГРАДИ ХАЦИЕНДА СО ПАНОРАМСКИ ПОГЛЕД

На ридот над Гевгелија градежни работници активно и експресно ги дигаат катовите од новата куќа на градоначалникот Иван Франгов. Неколку жители ни покажаа објект во изградба за кој тврдат дека е на градоначалникот. Неговата нова куќа, се зборува, ќе има 400 квадрати, а погледот од терасите ќе биде панорамски врз Гевгелија. Забележавме десетици работници на терен од фирмата Еуро-инг, една од тие кои успеваат на градските тендери. Во исто време, општината е задолжена, за, неофицијално, еден милион евра. Во долгови се и јавните претпријатија, пред се комуналното.

КАКВА ВОДА ПИЕ ГЕВГЕЛИЈА?

Загрижувачка тема меѓу граѓаните на Гевгелија е и количината на арсен во водата за пиење. Иако надлежните институции, како Институтот за јавно здравје, алармираат и при контролите утврдуваат дека водата не е исправна, малку е преземено да се реши овој суштински проблем. Во документ на Институтот од мај годинава е заклучено истото, дека водата не е безбедна. Таквите предупредувања ги тераат граѓаните да се запрашаат: зошто кога се градел новиот кружен тек не се сменети азбестните цевки за вода и зошто во Гевгелија нема или не функционира атмосферската канализација, па градот секогаш се поплавува!?

КАКО СЕ ОДРЕДУВА КОЈ КОЛКАВ ДАНОК ЌЕ ПЛАТИ?

Десетици граѓани реагирале до општината затоа што при купување државно земјиште им е одреден данок на промет од три проценти, но без разлика на цената која ја понудиле на лицитација. Обично стартните цени за државните парцели се од 1, 10, 20 или 30 евра од квадрат. Но, некои граѓани се жалат дека им е одреден данок од три проценти на највисоката сума од 30 евра, иако платиле пониска, на пример 10 евра. За излез од ситуацијата, граѓаните се праќаат по судска правда. Секако, има и такви на кои им се наплаќа данок според сумата, но тие се привилегирани или за нив едноставно законот си важи.

Поврзани новости