Вооружена жена запалила факел во операциона сала во болница во Германија

by fokus

Голема полициска акција е во тек во болницата Лујзен во Ахен, Германија, каде според првичните информации од полицијата, вооружена жена им се заканувала на неколку лица во клиниката, јавуваат германските медиуми.

Областа е опколена со вооружена полиција, со панцири и автоматски пушки, а улиците се затворени. Специјални единици од Келн се на пат кон локацијата. Се наведува дека жената запалила пиротехника и голем облак чад ја наполнил клиниката.

Според „Билд“, жената запалила факел во операциона сала. Таа потоа се забарикадирала во соба за пациенти и засега не е јасно дали имало други луѓе во собата.

Полицијата сè уште не може да каже која е точно вооружената, ниту на кого му се заканува. Исто така, не е јасно дали има повредени.

Станува збор за протестантска болница со 378 кревети и дванаесет специјалистички одделенија. Во болницата работат околу 1.600 вработени.

Во моментов се расчистуваат делови од клиниката, а пациентите се преместуваат. Како што пренесува „Ахенер цајтунг“, од зградата се изнесуваат вознемирени лица. Полицијата ги повикува луѓето да ја избегнуваат областа околу болницата Лујзен.

Поврзани новости