Вооружено маскирано лице денеска околу 14 часот извршило грабеж во филијала на Стопанска банка во Ѓорче Петров, по што со украдената сума на пари се обидело да побегне со своето возило. Но, вработената во банката веднаш пријавила во полиција и „алфите“ пристигнале коа тој влегувал во автомобилот и почнале потера по него.
Кај мостот „Влајко“, полицајците се обиделе да го запрат возилото, но крадецот почнал да пука кон нив. Тогаш и тие возвратиле и го изрешетале автомобилот, а ограбувачот бил ранет. Со Итна помош е веднаш бил пренесен во Градската болница.
-Дополнително чекаме лекарите да се произнесат за карактерот на повредите.Во моментот се врши увид и на местото каде што се случила престрелката и е повредено лицето и на местото каде што е извршено разбојништвото филијалата на Стопанска банка. Од увидот досега е обезбедено и оружјето со кое што лицето го извршило разбојништвото, а се вештачи и автомобилот и се утврдува целиот склоп на околности околу двата кривично правни настани кои се случија во многу кус временски рок, изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.