Вооружен грабеж ги вознемири неготинци – Стануваме ли Див Запад?

by Fokus

Вознемирувачки настан се случи во Неготино, во раните утрински часови во неделата, кога две лица вооружени со пиштол влегле во казино во градот и одзеле пари од вработените.

Вооружените ограбувачи носеле фантомки, а во време кога се случувал настанот, за викенд, во централното градско подрачје има поголема раздвиженост на млади луѓе.

Од СВР Велес за „Фокус“ го потврдија настанот и информираат дека на 25-ти февруари околу 1.10 часот во казино во Неготино две лица со закана со пиштол од вработените одзеле пари. Во ОВР Неготино било пријавено во 2.00 часот. Известен бил јавен обвинител, и се преземале мерки за расчистување на случајот, а лицата до објавата на веста не беа откриени.

Нема официјална информација зошто се чекало речиси еден час од случувањето на грабежот во 1.10, до пријавата во полиција, педесеттина минути подоцна, односно во околу 2 часот.

По повод настанот, жителите на Неготино, град кој се смета за мирно место за живеење, загрижено коментираат дека треба сериозно да се слушнат апелите за дислоцирање на казината подалеку од населените места, посебно пак од централните градски подрачја.

Конкретно, во Неготино, повеќето казина и обложувалници се лоцирани во центарот на градот, ги има во близина на библиотека, основно училиште, музичко училиште… Повеќто основци и средношколци на пат кон училиште секојдневно минуваат покрај овие објекти.

-Вакво нешто никогаш во минатото немало во ваква мера. Стануваме ли Див Запад? Секојдневно слушаме вести за инциденти во казина! Пред десеттина дена читавме за два инциденти во казино во градот во кои интеревенираше полиција, сега дојде работата и со пиштоли да се вршат грабежи- реагираат граѓаните.

Оние пак, кои живеат во близина на казина, бидејќи ги има и такви кои се лоцирани на приземје во станбени згради, раскажуваат дека неретко во ноќните часови сведочат на расправии пред казината. Освен комарџии, нервозни поради тоа што изгубиле на апаратите за игра на среќа, неретко се случувало да се наруши јавниот ред и мир и поради расправии на членови на семејства на коцкари, кои доаѓале пред казино да ги одвратат своите блиски од играње.

Потсетуваат и на случајот кој го привлече вниманието на јавноста пред неколку години, кога казино и обложувалница беа отворени веднаш до Основниот суд во Неготино, по што по бројните реакции се огласија од судот, појаснувајќи дека истиот е дел од станбено-деловна зграда, во која останатиот дел е во приватна сопственост на физички и деловни лица, и дека судот нема законско овластување за ограничување на правото на располагање со недвижен имот, ниту пак е овалстен орган за издавање на лиценци по Законот за игри на среќа.

По неколку години од отворањето, казиното и обложувалницата престанаа да работат, но затоа пак во централното градско подрачје се уште работат неколку казина и повеќе обложувалници.

Од движењето „Анти коцкање“ повеќе од седум години бараат дислоцирање на овие објекти подалеку од образовните институции во цела земја, но и од населени места, со цел младите да не се изгубат во лавиринтот наречен коцкање.

Од друга страна пак, од здружението на вработени во секторот на игри на среќа „Сакам да работам“ реагираат дека дислокација на овие објекти ќе значи ставање на клуч на врата, по што околу 10.000 лица ќе останеле без работа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости