Македонецот Т.И., вчеравечер преку телефонската линија „Ало, докторе“ се пожалил за вртоглавица, силни болки во стомакот и интензивно покачување на телесната темература. По итното пренесување на пациентот во оделението за интензивна нега во скопската клиника се направени експертски анализи и истражувања, со кои се дијагностицирало нов вид на зараза наречена ТВБÖЛА, која се пренесува преку телевизиските канали со постојано гледање на турски серии и на српски емисии.
Според македонските здравствени власти Т.И., иако пред телевизорот седел само неколку часови, сепак тоа било доволно за да се зарази со овој нов мутиран и доста популарен вирус, кој во последно време владее во Македонија, а и на Блаканот. Според нив, сега пациентот е во стабилна здравствена состојба и е сместен во соба каде што има телевизор без далечински управувач и без антена. Како лекарства понудени му се книги за читање, но засега пациентот одбива да ги прими и да ги разлиста. Ако продолжи така ќе треба да се ангажира стручно лице кое три пати на ден ќе му чита по 10 страници од книгите.
Медицинските лица ја советуваат македонската јавност, како мерки за претпазливост и превентивност, што помалку да го користат телевизорот и да ги гледаат македонски ТВ-канали, туку повеќе да шетаат, да читаат книги, а не умот да го окупираат со туѓите судбини од турските серии и да не се понесуваат од милозвучниот глас на потенцијалните балкански ѕвезди од „гранда“ затоа што овој вирус бргу се пренесува, а македонските власти сѐ уште тешко наоѓаат мерки како да ги сузбијат последиците од ТВБÖЛА.