Книга за соработката меѓу Македонците и Албанците низ историјата

by Фокус 18:32
18:32

Книга која зборува за соработката меѓу Македонците и Албанците низ историјата, од Илинденското востание до НОБ, ќе биде промовирана утре со почеток во 19.00 часот, во Чаршиската библиотека (Libraria e Çarshisë) во Старата скопска чаршија.

Делото го носи насловот „Национализмот во(н) контекст: соработката на Албанците и Македонците од Илинденското востание до Народноослободителната војна“ . Издавач е левичарското движење „Солидарност“, а автори се Здравко Савески и Мариглен Демири.

Испечатена е двојазично, на албански и на македонски јазик.

– Нашето општество е отруено од национализам. Расте поделбата особено помеѓу Македонците и Албанците. Веќе не се познаваме, иако живееме во исти градови, села, иста држава. Во таков контекст, на националистите (и македонски и албански) многу лесно им успева да ја искривуваат историјата и да тврдат дека отсекогаш постоела нетрпеливост помеѓу Албанците и Македонците – се вели во денешното соопштение на „Солидарност“.

Со оваа своја антинационалистичка историска книга Левичарското движење „Солидарност“ сака да ги прикаже случаите на соработка меѓу Македонците и Албанците во периодот од Илинденското востание до Народноослободителната војна.

– Не сакаме да тврдиме дека помеѓу Македонците и Албанците имало само соработка. Не сакаме да тврдиме ниту дека секоја соработка била заснована на антинационалистички основи. Но сакаме да посочиме и да докажеме дека имало соработка помеѓу Албанците и Македонците и дека националистите (македонски и албански) лажат кога го тврдат спротивното – порачуваат авторите.

Поврзани новости