Волстрит журнал цитира американски и западни официјални лица кои предвидуваат дека Израел брзо ќе одговори на нападот на Иран, веројатно уште денес.
Во обраќање пред Долниот дом на парламентот британскиот премиер Риши Сунак истакна дека разговарал со колегите лидери на Г7 и сите се обединети во нивната осуда на нападот на Иран во саботата, додавајќи дека наскоро ќе разговара со израелскиот премиер за да изрази солидарност и да разговара за деескалација.
„Тоа беше непромислена и опасна ескалација. Ако успееше, последиците за регионалната безбедност и за израелските граѓани ќе беа катастрофални. Но, господине претседателе, тоа не успеа. Kако поддршка на сопствената одбранбена акција на Израел, Обединетото Кралство се приклучи на меѓународните напори предводени од САД, заедно со Франција и партнерите во регионот, кои ги пресретнаа речиси сите проектили што спасија животи во Израел и неговите соседи. Испративме дополнителни сили во регионот како дел од нашите постоечки операции против Исламска држава во Ирак и Сирија и можам да потврдам дека нашите сили уништија голем број ирански беспилотни летала. Обезбедивме и важна разузнавачка, надзорна и извидувачка поддршка за нашите партнери“, рече Сунак.