„Војникот“ на Мијалков беше заменет со „ѕвездата“ на Никоб – во игра се и кичевските „кобри“!

by fokus

Во време на ВМРО-ДПМНЕ, главно обезбедување беше „СГС“, која ја истисна „Лупус“ на некогашниот бодигард на Груевски – Урко. Иако постоеја многу индиции дека „СГС“ е поврзана со Мијалков, тој тоа го демантираше сѐ додека бомбите на Заев не потврдија дека во заднина на компанијата стои ексшефот на тајната полиција. По политичките промени, пазарот почна да го освојува „Никоб“, што се однесува до зделките спонзорирани со јавни пари. Без оглед што во меѓувреме Мијалков заврши во затвор, сепак, неговата „СГС“ сѐ уште е присутна на сцената, каде уште се појавува и кичевската „2 СС“.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Војникот од македонската фаланга, сега заменет со ѕвезда со буквата Н. Но, војникот не се откажува и тој се враќа на сцена.

Вака симболично може да се опише состојбата во бизнисот со обезбедување, ако се знае дека логото со војникот е на Агенцијата за обезбедување, која порано беше „главна“, „Секјурити груп сервисис“, позната како „СГС“, а логото со ѕвездата е на Агенцијата што сега „владее“ – „Никоб обезбедување“.

Според информациите објавени на веб-страницата на Агенцијата, „Никоб“ е основана во 1998 година во Скопје и е првата судски регистрирана компанија за обезбедување во Македонија.

– Лојалноста, стабилноста и професионалноста беше одлика на компанијата од почетокот на нејзиното работење. Тоа беше единствениот предуслов „Никоб“, 25 години да е број еден агенција за обезбедување на имот и лица во Македонија“, се фалат од компанијата.

Освен што имаат повеќе од 25 години искуство, тие може да се пофалат и со над 2.000 вработени, повеќе од 100 патроли на смена и над 22 илјади клиенти и објекти.

Сепак, она што јавноста ја интересира е колку пари оваа компанија добила од буџетот, односно колку од парите на граѓаните со кои се полни буџетот завршиле на сметката на компанијата?

Од јавно достапните информации на Бирото за јавни набавки, ако „Никоб“ од 2008 до 2015 година, односно во времето додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, добила само 20 помали тендери и наплатила 352 илјади евра, сега ги добива најголемите тендери, со оглед дека ги обезбедува објектите на Владата, доби неколку тендери од Град Скопје итн.

Само во последните три години, оваа компанија добила 15 тендери во вкупна вредност од речиси 25 милиони евра. Тоа значи дека ако приходот како резултат на јавни средства некогаш се броел во илјади, сега се брои во милиони евра.

Оваа агенција минатата година беше мета на критики од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кога партискиот портпарол Димче Арсовски ја нарече параполиција на СДСМ. Според нив, компанијата од државата има земено над 40 милиони евра преку тендери за само 4 години.

Управителот пак на „Никоб“, Кирил Лазаров, пак, испрати демант и го нарече малициозен обидот на ВМРО-ДПМНЕ постојано да го нарушува угледот на компанијата што постои повеќе од 25 години и е најголем работодавец со домашен капитал во Македонија.

Оваа година, стивнаа обвинувањата на опозициската партија против оваа компанија. Но, некаде по локалните избори во 2021 година, кога поголем дел од општините ги освои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, познатата „СГС“ се враќа во игра.

Ако се пресметаат сите тендери што ги зела компанијата, кои се повеќе во споредба со „Никоб“, но се далеку помалку вредни, испаѓа дека во последните три години од тендери инкасирала околу 1 милиони евра.

Инаку, „СГС“ се прослави во време на ВМРО-ДПМНЕ, кога се поврзуваше со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

„Фокус“ испрати прашања и до „СГС“ и до „Никоб“.  Одговор, но по затворањето на весникот стигна од „Никоб“.

Во одговорот компанијата пишува дека е еден од најголемите работодавачи во Македонија, а доказ за нивниот професионализам, според нив, е довербата која ја имале добиено од нивните клиенти за обезбедување на над 20.000 објекти низ целата држава.

-Потенцираме дека во сегментот на приватниот сектор сме значајно присутни со повеќе од 50% од пазарниот удел, а во портфолиото имаме сериозна листа на најреномирани приватни компании како што се банки, странски корпорации и амбасади. Поради оваа наша позиција и препознатливост постојано сме на „мета“ на злонамерни шпекулации, смислени конструкции и на нарачани и координирани текстови, се вели во одговорот.

Според нив, во однос на тендерите добивале само мал процент во однос на тендерите поврзани со обезбедување.

Во 2020 година НИКОБ ДОО има склучено 3 договори од вкупно 90 склучени договори за услуги поврзани со приватно обезбедување, со вкупна процентуална застапеност од 3,33%.

Во 2021 година НИКОБ ДОО има склучено 5 договори од вкупно 125 склучени договори за услуги поврзани со приватно обезбедување, со вкупна процентуална застапеност од 3,94%.

Натаму, во 2022 година НИКОБ ДОО има склучено исто така 3 договори од 127, со вкупна процентуална застапеност од 2,36%.

Во тековната 2023 година НИКОБ ДОО има склучено 3 договори од вкупно 124 склучени договори за услуги поврзани со приватно обезбедување, со вкупна процентуална застапеност од 2,42%.

Со оглед на тоа, прометот остварен преку договори за приватно обезбедување склучени по завршена тендерска постапка, видно е дека учеството е со помалку од една петтина од вкупниот остварен промет на НИКОБ ДОО, се вели во одговорот од компанијата.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости