Војна за мртовци во Неготино

by fokus

Војните помеѓу конкурентни фирми отсекогаш биле вообичаени во бизнис сферата, без оглед на тоа за каков вид на производи или услуги станува збор. Но она што е можеби невообичаено во случајов е што се работи за војна помеѓу две погребални претпријатија од Неготино, кои меѓусебно се обвинуваат за нелојална конкуренција и превземање на мртовци.

Во нашата редакција со апел за помош од сите надлежни служби во земјава прв се обрати Борче Иванов сопственик на ,,Оператор за погребални услуги – Престиж компани’’. Тој вели дека во изминатиов период се соочува со нелојална конкуренција од страна на друг оператор за погребални услуги, исто од Неготино, кој не ги почитувал стандардите за работа регулирани според закон, и на нечесен начин буквално му ги преземал починатите лица од градот, но и околината.

,,Реагирам поради тоа што веќе неколку месеци наназад, откако со работа започна погребалното претпријатие ,,Оператор ВИГ’’  се соочуваме со голем број на проблеми. Имаме сознанија дека сопствениците на операторот се договараат со вработени во Итна помош, и од таму добиваат известувања кој починал, па им доаѓаат на луѓето на врата и им ги нудат услугите, без при тоа да им остават простор на ужалените самите на мир да си изберат погребална компанија чии услуги ќе ги користат. Се жалев кај одговорни лица во ЈЗУ Неготино, и тие беа изненадени од тоа што им го кажав, ветија дека ќе преземат мерки.

Освен тоа, имаме сознанија, но и сведоци дека за време на погреб во селото Пепелиште, ископале гроб во кој што не можел да влезе сандакот, па среде погреб морале да докопуваат. Тоа значи дека не ги испочитувале стандардите за длабочина, ширина и висина на гробот. Во истото село, имале и друг проблем, кога ископале плиток гроб, во кој веќе бил погребан синот на покојникот, на што бурно реагирала неговата сопруга.

Но не е само тоа, значи ние постоиме веќе шест години, имаме четири лица за кои плаќаме уредно придонеси, а се сомневаме дека истото е случај и со новоотворената компанија. Затоа реагиравме и до сите можни институции во градот, до трудова инспекција, до комунална инспекција, за се имаме документација. И покрај сите наши жалби и поплаки, тие продолжуваат со работа. Дури и не веруваме дека нивните гробари ги имаат примено сите задолжителни вакцини, стандардни за овој вид на работа.

Кога е во прашање правилото, покојникот да се чува во капела 24 часа, имаме докази дека тоа не е случај со нив, и луѓе се погребувале по помалку од 24 часа минати во капела.

Значи, ние не се плашиме од конкуренција, но убедени сме дека овде се работи за голема нелојалност, затоа и реагираме и сакаме да се превземе нешто од страна на надлежните институции’’- тврди Иванов.

Весна Златковиќ, управител на фирмата ,,Оператор ВИГ’’ вели дека не е изненадена од неговите обвинувања. Според неа, стравот од конкуренција бил пресуден Иванов да ја користи секоја можност да ги нападне и да ги оцрни пред јавноста, и покрај тоа што работеле регуларно и ги имале сите потребни дозволи за работа.

,,Оператор ВИГ’’ започна со работа на почетокот на годинава, јас сум управител, а основач е моја блиска роднина. Имаме четири лица кои се во постојан работен однос, и уште две лица кои работат 40 часа месечно. За сите имаме уредна документација и платени придонеси. Сопственикот на ,,Престиж компани’’ очигледно беше свикнат да работи сам, беше единствениот кој нудеше погребални услуги во Неготино, Демир Капија и околината. Затоа и се обидува да ни наштети, бидејќи сега не е единстевниот кој ги нуди овие услуги, и автоматски заработката му е поделена.

Знаеме дека често реагира и до инспекциските служби, постојано имаме контроли. Но досега не се случило да ни се најде забелешка, за што има записници и документи. Работиме според сите закони и процедури.

Околу спорните погреби во селото Пепелиште, каде не обвинува дека не сме ископале гробни места со пропишаните димензии, можам да кажам дека погребите и се останато беше без проблеми.

Членовите на овие семејства имаат потпишано изјава во која тврдат дека се поминало во најдобар ред и се задоволни од нашите услуги. Овие изјави ги вметнавме како редовна процедура, токму поради тоа што знаеме дека од ,,Престиж компани’’ може да се случи да реагираат за било што.

Но она што најмногу не иритира е тоа што неупатени луѓе мислат дека капелата, која е во сопственост на Општината, е всушност во сопственост на Иванов. Најверојатно тој така ги убедувал, за луѓето да бидат на некој начин принудени да ги користат неговите услуги. Имаме и сведоци кои можат да потврдат дека тој има сопствени синџири и катанци на гробиштата во Демир Капија, како да се и гробиштата негови.

Во изминативе месеци, откако работиме, наидовме на голем број на малограѓански работи од негова страна, не избира средства, со цел да не тргне од овој бизнис. Ги отфрламе сите негови обвиненија дека имаме било какви пропусти во работата, за што можат да потврдат и сите инспекциски контроли кои што не посетиле. На него гледаме како на човек, кој бил свикнат да работи сам со години, и не може да прифати дека секој има право да се бори за своето парче леб’’ – вели Златковиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости