Скопски Водовод планира да потроши половина милион евра за нов софтвер за управување со финансиите во претпријатието. Ова е проценетата вредност во јавниот оглас за набавка на софтверот, објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки на 23 март.
Проценетата вредност на набавката е речиси 500.000 евра, а пазарните цени за слични софтверски решенија се значително пониски, велат извори од софтверската индустрија.
Според упатените во овој бизнис софтверско решение од овој „калибар“ не би требало да изнесува повеќе 100.000 илјади евра и тоа доколку се работи за комплетно нов производ, кој нема да биде доработка или превземен од постоечки систем.
Во Водовод веќе функционира софтвер кои без никакви проблеми си ја извршува својата функција.
Главната функција на т.н. софтвер за интеграција на систем за финансов менаџмент е тоа што автоматски ги изработува и ги печати сметките за секој корисник поединечно. Станува збор за решение кое денеска е широко застапено, особено во компаниите кои нудат услуги на голем број претплатници.
Фирмите кои сакаат да учествуваат на тендерот за изработка на софтверот мора да имаат испорачано најмалку едно слично решение за минимум 150.000 корисници во текот на последните три години. Исто така, во јавниот оглас како услов се посочени и годишниот приход на компанијата, кој мора да изнесува најмалу 20 милиони денари, како и бројката од минимум 15 вработени лица со високо образование од областа на информатичко – комуникациските технологии.
Единствен критериум за доделување на договорот е најниската понудена цена. Краен рок за доставување на понудите е 9-ти мај, кога ќе биде одржано и јавното отворање.
Од ЈП Водовод тврдат дека потребата за нов софтвер се јавила со оглед на фактот што претпријатието во последниот период има превземено дополнителни обврски, со што се наметнува потреба од еден побрз, поефикасен и поцелисходен начин на работа во повеќе домени од финансиското работење и системски пристап во обезбедување на услуги и подобра комуникација со деловните објекти.
„Согласно променетите деловни барања, согласно брзиот развој на технологиите, неминовна е потребата од еден ваков целосен интегриран систем за управување со финансиите кој ќе претставува основа за секојдневно, нормално и правилно функционирање на договорниот орган.“
Во однос на проценетата вредност на набавката од 500.000 евра, од Водовод велат дека е согласно бараните карактеристики на системот и истражувањата кои ги направило јавното претпријатие за вакви и слични системски побарувања во компании со слична дејност.
Сепак, остануваат низа недоумици, дали софтверскиот систем ќе одговори на намената и дали токму во овој момент требаше да се пторошат половина милион евра?