Водата за пиење во Теарце загадена со фекалии

by Fokus

Центарот за Јавно здравје од Тетово потврди дека водата за пиење во селата Теарце, Глоѓи и Пршовце е неисправна за пиење. Од Центарот препорачуваат водата од јавните чешми и од домаќинствата во овие три села да не се користи за пиење, ниту за подготвување храна, а населението да користи флаширана вода за пиење.

Резултатите покажаа микробиолошко загадување на водата. Утврдено е присуство на два вида бактерии во водата кои укажуваат на тоа дека има фекално загадување. Поради ова мерката за претпазливост дадена минатата недела останува на сила, а тоа значи водата не смее да се пие и не смее да се користи за подготвување храна, сѐ до добивање нова информација. Ние како Центар за јавно здравје сме во координација со Јавното комунално претпријатие од Теарце за надминување на овој проблем преку подобро хлорирање и дезинфицирање на водата , изјави д-р Илија Илиоски од Центарот за јавно здравје Тетово.

Минатата недела во овие три села неколку стотини лица се пожалиле на ентероколитис односно стомачни тегоби, повраќање и дијареја. Тогаш се сомневаше дека причината за тоа е во неисправноста на водата за пиење бидејќи сите овие села се снабдуваат со вода за пиење од ист резевоар.

Според медицинските лица од амбулантите во Теарце веќе во четвртокот состојбата била нормализирана и бројот на лицата кои се жалеле на овие тегоби бил сведен на нормала.

Од Центарот за јавно здравје од Тетово веднаш излегле на телен и зеле мостри од водата. Било утврдено дека физичко-хемиските анализи на водата за пиење биле уредни, но микробиолошките испитувања, за кои бил потребен подолг рок за анализа, покажале неисправност на водата за пиење.

Поврзани новости