Спектакуларната трансформација на водата во дел од каналот Гранде во Венеција во флуоресцентна зелена боја се должи на флуоресцеинот, нетоксична супстанција што се користи за тестирање на канализационите мрежи, заклучија локалните власти.
Жителите забележале дека дел од каналот станал светло зелен во неделата, поради што полицијата ги истражила шпекулациите дека тоа е дело на еколозите, пишува „Гардијан“.
Регионалната агенција за превенција и заштита на животната средина Венета објави дека анализата покажала „присуство на флуоресцеин во земените примероци“.
Тие додаваат дека резултатите „не покажале присуство на токсични елементи во анализираните примероци“.
Локалниот дневен весник „La Nuova Venezia“ објави дека полицијата сè уште истражува дали настанот во неделата всушност бил протест на активисти кои предупредуваат на климатските промени.