Во знак на протест поради нападот врз нашите колеги од порталот А1он, но и заради континуираните вербални напади врз сите новинарските екипи, „Фокус“ нема да известува за денешните протести, ниту во Скопје, ниту од другите градови. Доколку на протестите се случат насилства и нови напади, за тие настани ќе ја известиме јавноста, но говорите и пораките од протестите целосно ќе ги игнорираме. За бојкот на протестите заеднички одлучија повеќе медиуми, а се очекува да се приклучат и други.
Ова го правиме уште повеќе затоа што организаторите на протестите не изразија жалење за нападот врз новинарската екипа на А1он, ниту пак ветија дека ќе сторат се за идната безбедноста на екипите и на известувачите.
Истовремено сакаме да ги повикаме учесниците, а особено Министерството за внатрешни работи, Владата и организаторите на протестите, да ја преземат и да ја прифатат одговорноста за досегашните и за сите идни инциденти. Укажуваме дека во ваква ситуација нема место за алиби-изјави од типот „не може да гарантира мир“, кои само ги потврдуваат заканите за неистомислениците и ја потпалуваат атмосферата.