Полицијата вчера откри преку 100 илегалци од Сирија и од Ирак на железничка станица во Велес. Илегалните патници биле во товарен воз кој превезувал јаглен од Солун и биле распоредени во повеќе вагони.
„Со поголем дел од илегалците не била можна комуникација, тие не знаеле ниту каде се наоѓаат нити знаеле да посочат од каде дошле или каде одат, иако некои од нив со себе имале пластични кеси со логото на „Лидл“. Со мал дел од нив е остварена комуникација и утврдено е дека не се сите заедно и дека се збир од повеќе групи, а секоја група си имала свој водач низ земјите од кои патувале од Сирија преку Турција и Грција до Македонија. Според кажувањата од Сирија кон Турција не им требал водич ниту платиле нешто на некого, но од Турција за да влезат во Грција дел од нив плаќале и по 3.200 евра по човек. Од Грција за да дојдат до Србија им било побарано од 600-800 евра по човек, а плаќањето било договорено да биде во Србија, откако ќе биле преземени“, објаснуваат од МВР.