Турските гласачи на денешниот втор круг на претседателски избори треба да изберат претседател за државата. Над 64 милиони гласачи во Турција ќе гласаат меѓу актуиелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган и кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу.
Пред две недели се одржаа парламентарните и првиот круг од претседателските избори во Турција.
Народната алијанса на Ердоган освои мнозинство во Парламентот. За претседателската фунмкција се одржува втор круг, бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство, односно повеќе од 50 отсто од гласовите.
Ердоган водеше во првиот круг со освоени 49,52 отсто од гласовите.
Ердоган во вториот круг ќе се соочи со Кемал Киличдароглу, лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и заеднички кандидат на шестпартиската опозициска Национална алијанса.
Гласањето за турската дијаспора заврши и во Анкара веќе пристигнаа околу 1,89 милиони гласови од странство, кои ќе бидат преброени по завршувањето на изборниот ден.
Ердоган водеше во првиот круг со два ипол милиони гласови пред опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од шест партии.
Додека Ердоган нуди стабилност, силен лидер за силна Турција, со слоганот „Вистинскиот човек во вистинско време“, Киличдароглу радикално ја промени својата стратегија меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.
Пред првиот круг вети дека ќе ги отвори рајските порти, а по првиот круг рече, ако победи, ќе ги затвори портите на пеколот. Тој за себе вели дека е најголемиот националист во Турција.
Пред првиот круг, неговата кампања во најголема мера се потпираше на анти-ердоганизмот, посочувајќи се што не е добро во Турција.
Турција се справува со висока инфлација, девалвација на лирата, последици од земјотреси и милиони бегалци, повеќе од 3,5 милиони само од Сирија.
Киличдароглу се смета за префериран кандидат на Западот, а Ердоган се стреми да води балансирана политика.