Во Црна Гора уапсен поранешниот специјален обвинител

by fokus

По наредба на Специјалното обвинителство на Црна Гора, рано утрово се уапсени поранешниот главен специјален обвинител Миливое Катниќ и поранешниот висок полициски функционер Зоран Лазовиќ.

-Катниќ и Лазовиќ се лишени од слобода поради постоење основи на сомнение дека ги сториле кривичните дела создавање криминална организација и злоупотреба на службената положба, соопшти портпаролот на Специјалното обвинителство.

Тој наведе дека апсењето на поранешниот шеф на Специјалното обвинителство и поранешниот помошник директор на полицијата е врз основа на соработката на обвинителството со ЕУРОПОЛ, Агенцијата на Европската унија за соработка во спроведувањето на законот.

-Во тек е претрес на нивните станови и други простории во Подгорица, Цетиње, Будва и Бијело Поље, заради пронаоѓање на траги од кривичното дело и предмети кои можат да бидат корисни за постапката, изјави обвинителот Радоњиќ.

Тој додаде дека Катниќ и Лазовиќ ќе бидат однесени на распит кај специјалниот обвинител во законскиот рок.

Миливое Катниќ беше главен специјален обвинител од 2015 година, а на таа функција дојде од местото судија на Апелациониот суд. Тој беше разрешен на почетокот на 2022 година, година и пол по смената на власта во Црна Гора, а Демократската партија на социјалистите (ДПС) премина во опозиција по триесет години владеење.

Новите власти го обвинија Катниќ дека ја прогонува опозицијата и ги штити највисоките функционери на ДПС, вклучително и долгогодишниот претседател Мило Ѓукановиќ.

Тој беше главен обвинител во случајот за обид за тероризам и „државен удар“ во 2016 година, во чие обвинение беа вклучени руски и српски државјани, како и лидерите на прорускиот Демократски фронт – актуелниот претседател на Парламентот на Црна Гора Андрија Мандиќ и пратеникот Милан Кнежевиќ, претседател на Демократската народна партија, член на владејачката коалиција.

Поранешниот помошник директор на полицијата Зоран Лазовиќ е долгогодишен полициски функционер одговорен за борбата против организираниот криминал. Неговиот син Петар Лазовиќ е во притвор повеќе од година и пол бидејќи е осомничен за шверц на дрога и оружје како и припадност на една од криминалните организации во Црна Гора.

Петар Лазовиќ е поранешен вработен во Националната агенција за безбедност, а неодамна понуди кауција од речиси 10 милиони евра за ослободување. Судот ја одби понудената кауција.

Во претходните две години, Црногорското обвинителство спроведе серија апсења на поранешни раководители на правосудни институции и полиција.

Поврзани новости