Неколку пукнати пратенички носа и малку крв е епилогот на денешната тепачка меѓу пратениците од ДУИ и ДПА за време на собраниската комисија за буџет, информираат новинарите кои биле сведоци на настанот. Еден од пратениците од ДПА дури побарал медицинска помош од собраниската амбуланта.
Инцидентот се случил попладнево кога еден од пратениците од партијата на Тачи бил на говорницата од каде упатил тешки зборови кон пратениците од ДУИ меѓу кои бил и поранешниот министер за одбрана Талат Џафери. Во еден момент пратеникот на ДПА се симнал од говорницата и му се нафрлил со тупаници на еден од колегите од партијата на Ахмети по што настанала вистинска мешаница. Веднаш потоа за врат се фатиле други двајца пратеници од ДУИ и од ДПА, а вториов настрадал повеќе, дури паднал на земја и добил неколку клоци.
Како што информираат новинарите кои биле присутни на инцидентот, никој од другите пратенички групи во салата не изреагирал освен пратеничката од редовите на Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ која единствена се обидела да ја смири ситуацијата.
Собраниското обезбедување само ги разделило учесниците во тепачката.