Османи: Во Струга и околината 25 заболени од корона вирус и четири починати

by Frosina Fakova

Во Струга и околината потврдени се 25 случаи на заболени од коронавирус, како и четири смртни случаи – три во Лабуништа и еден во село Татеши, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи при посетата на Струга во својство на координатор на штабовите на локалната самоуправа и Градот Скопје.

-Ја следиме одблиску оваа ситуација за да ги согледаме локалните околности во комуникација со општинскиот штаб. Дадовме насока на општините да создаваат и месни штабови во месните заедници, особено во руралните средини. Во секое село да има штаб во кој ќе има и здравствен работник и претседател на месната заедница и локалниот полицаец за да може на најлокално ниво да ги следиме состојбите и да може да одлучуваме, рече Османи, кој при посетата на Струга беше придружуван од заменик министерот за здравство, директорот на Институтот за јавно здравје и претседателот на Комисијата за заразни болести, а попладнево треба да заминат и во посета на Лабуништа.

Тој информира за новите рестриктивни мерки донесени денеска од Владата и Кризниот штаб за ограничување на движењето, односно за полициски час од 16 часот па до 5 часот наредниот ден, а за викендите целосна 24 часовна забрана за движење.

– Целта е да се потенцира потребата од социјална дистанца, бидејќи очигледно и искуствата и науката укажуваат дека тоа е единствениот начин да направиме нешто сега како општество. Граѓаните се дисциплинирани и сакам да ја искористам можноста да им се заблагодарам на здравствените работници, но и на сите полицајци и сите кои се сега во служба на нормалното живеење во услови на рестрикции, рече Османи.

 

Поврзани новости