Караџоски: Во Струга ќе се отвори пункт за тестирање

by Frosina Fakova

Претседателот на Комисијата за заразни болести др. Жарко Караџоски вели дека одлуката за новите рестриктивни мерки е донесена на предлог на Комисијата за заразни болести и се однесува на целата територија на државата, вклучувајќи го и селото Лабуништа за кое, рече не се планираат посебни мерки, како во случајот со Дебар.

-Моментно не е планирано такво нешто. Во Дебар беше специфична состојбата со цел брзо да реагираме и за да го намалиме бројот на заразени. И како што гледате во Дебар четири дена нема ништо ново, односно мерката се покажа успешна, рече Караџоски.

Комисијата за заразни болести секое утро во 8 часот ја разгледува состојбата во државата. Во однос на регионот на Струга, Караџоски најави дека од утре ќе ја зајакнат епидемиолошката служба со уште еден епидемиолог во период од 14 дена.

-Ја зајакнуваме и епидемиолошката служба по бројност и во Тетово со уште еден епидемиолог, а секојдневно ја следиме актуелната состојба, и ако има потреба ќе реагираме и со испраќање на друг потребен персонал доколку локалната самоуправа и потребите на болницата укажат на тоа како – пулмолози, интернисти. Дополнително имаме уште еден колега инфектолог кој ќе направи увид во болницата во Охрид, ќе ја разгледа состојбата дали некои мерки треба да се направат по некои назнаки за проблематични приеми на одредени пациенти и ќе ги реферира на Комисијата за заразни болести и ќе видиме потоа што на ниво на Министерство за здравство ќе се преземе, рече Караџоски.

Со оглед на смртните случаи и тоа што се зголемува бројот на случаи на Ковид – 19, тој најави дека најверојатно ќе се отвори пункт за тестирање во Струга за што има можност, при што Болницата во Струга ќе треба да одвои еден микробиолог и еден лаборант и заедно со подрачната единица на ЦЈЗ да се земат брисеви, коишто ќе се трансферираат до Охрид, а потоа до Скопје.

-Состојбата се следи дневно на територија на целата држава. Доколку се укаже потреба ќе реагираме и на друг начин. Засега од среда важат правилата кои ги соопштија премиерот, министерот за здравство и вицепремиерот, рече Караџоски.

Поврзани новости