Во Собранието се одржа јавна расправа за новиот Закон за оружје

by vlatko 18:33
18:33

Во Собранието денес се одржа јавна расправа на Комисијата за одбрана и безбедност посветена на Предлог-законот за оружјето, со кој се предвидува уредување на условите за набавување, поседување, носење и пренесување, чување, производство, поправање, онеспособување, промет, посредување, трансфер, превоз и пренесување преку државната граница на оружје, негови делови и муниција.

Пратеникот Бране Петрушевски истакна дека предложеното законско решение е усогласено со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на националната правна рамка во оваа област.

-Предложеното законско решение е усогласено со релевантната легислатива на Европската Унија и претставува чекор кон понатамошно унапредување на националната правна рамка во оваа област – истакна Петрушевски.

Пред членовите на Комисијата и претставниците на засегнатите организации, Предлог-законот го образложи помошникот министер за внатрешни работи, Јован Алтанџиев, кој ја нагласи важноста од неговото донесување и придобивките што се очекуваат од примената на новото законско решение.

 -Потребно е усвојување современо и ефикасно законско решение, а до неговата конечна форма треба да се дојде преку широка и инклузивна дебата, со цел законот успешно да се имплементира во пракса – посочи Алтанџиев.

По воведните обраќања, претставници на институции и организации ги изнесоа своите мислења, предлози и забелешки, насочени кон дополнително унапредување на текстот на Предлог-законот.

Од групацијата за оружје при Стопанска комора го поздравија носењето на законот но укажуваат дека тоа ќе повлече и трошоци.

Забелешки дека претходно не биле консултирани за законот изнесоа и од Комората за приватно обезбедување, од каде реагираат на скратениот рок за дозвола кој претходно важеше 10, а сега е само 5 години.

Дел од ескпертите изнесоа забелешка и апел дека во законот мора да се направи поконретна дефиниција во делот на спортското оружје и неговото користење согласно законот.

Законот за оружје беше донесен 2005 година и досега беше 15 пати надополнуван.

Слични вести