Во Собранието прва средба на работните групи за францускиот предлог

by fokus

Координаторите на пратеничките групи и други претставници на парламентарните партии денеска се очекува да одржат прва средба на која ќе се разговара за заклучоците што треба да бидат разгледани и усвоени од Собранието во врска со европскиот предлог и отпочнувањето на преговори за влез во ЕУ.

Двете најголеми политички партии во Собранието, владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера го потврдија договорот за одржување вакви разговори во Собранието. Во работните групи политичките партии ќе бидат застапени со по двајца преставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса и уште еден од помалите парламентарни политички партии.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вчера изјави дека во Собранието ќе се формираат групи меѓу политички партии кои ќе работат на предлог-забелешките што се проблематични во целиот текст. Според него, ова доаѓа по повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за да се разговара за измени што ќе го подобрат предлогот и ќе се вметнат одредени забелешки во однос на се она што е на штета на државата и националните интереси. Ваквиот формат на разговори во Собранието го потврди и премиерот Димитар Ковачевски кој на прес-конференцијата со претседателот на Европскиот совет рече дека Собранието ќе донесе одлука дали ќе ги отпочнеме преговорите со ЕУ и ќе донесе заклучоци откако Владата до пратениците ќе ги достави европскиот предлог, билатералниот протокол и уште еден документ.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со претседателот на ЕС Шарл Мишел во Собранието, на која присуствуваа и координаторите на пратеничките групи и претставници на помалите политички партии, според соопштението од неговиот Кабинет, во однос на доставувањето на документите за прифаќањето на преговарачката рамка, истакнал дека по нив соодветно ќе се пристапи штом бидат доставени до Парламентот.

-Поздравувајќи ја одлуката на претседателот Мишел за посета на земјата во овие моменти со цел да се запознае со различните мислења и ставови, претседателот Џафери посочи дека актуелното раководство и во минатото носело одлуки кои долгорочно се покажале како правилни за државата и нејзината иднина и дека носи одговорност за донесување стратешки одлуки. Правејќи паралела со помирувањето на Франција и Германија како основа за формирањето на денешната Европска унија, заклучи дека единствен начин за надминување на билатералните несогласувања останува отворениот дијалог и меѓусебното разбирање. Во однос на доставувањето на документите за прифаќањето на преговарачката рамка, претседателот Џафери истакна дека по истите соодветно ќе се пристапи штом бидат доставени до Собранието, соопшти Кабинетот на Џафери.

На средбата Мишел образложил дека доаѓа во име на 27 земји членки на Унијата кои стојат зад предложената рамка за лично да ги слушне аргументираните и легитимни мислења и резерви на политичките актери, нагласувајќи дека има разбирање за фрустрациите и разочараноста во последните години околу официјалното неотпочнување на преговорите.

Поврзани новости