Во некои села од Реканскиот крај има слаб доток на електрична енергија, во некои пак нема воопшто. Генерално ситуацијата не е многу променета од последните 10 дена. Жители на селото Жировница за „Фокус“ пренесуваат дека во нивното село повремено има струја, но често снемува.
„И кога имаме таа е слаба и можеме да вклучиме само сијалици. Не ни помислуваме да вклучиме бојлер, машина за перење или шпорет, тоа се уште е незамисливо“- тврди Елвир Пајкоски од Жировница.
Иако надлежните уверуваат дека ситуацијата е под контрола, сепак на терен сликата е поинаква. Утринава екипи на ЕВЕ биле забележани кон Ростуше и некои села од тој крај, кои работат на отстранување и на други дефекти, затоа што се уште има села без струја.
„Јас сум сопственик на кафеана и утринава морав да вклучам агрегат за да имам струја затоа што тоа што го имаме е премногу слабо за да вклучиме греење на пример“- пренесува Пајкоски.
Инаку струјата дошла околу 19.30 благодарение на упорноста на жителите кои не ги оставале работниците на ЕВН да заминат пред да ја вклучат.
„Тие сакаа да заминат и да го остават решението за денеска, но ние ги притиснавме и им наложивме дека мора побрзо да го надминат проблемот. Упорноста ни се исплатеше, народот излезе на протест и беше многу револтиран затоа што навистина 10 дена без струја е многу“- се жали Пајкоски.
Ова значи дека состојбата во реканските села не е стабилизирана и дека уште неколку дена ќе потрае неизвесноста на жителите кои се во мрак откако падна првиот поголем снег.
По десетина дена молк жителите вчера прв пат гласно се спротивставија на ЕВН и нивната неможност со денови да го санираат проблемот. Тие дури имаа намера да упаднат во трафостаницата во знак на револт.
Денеска ситуацијата е смирена, пренесуваат жителите, но најавуваат и порадикални мерки ако не се подобри квалитетот на струјата и ако таа не биде дистрибуирана низ сите села. Патиштата во реканскиот крај се проодни и сега екипите на ЕВН можат полесно да ги санираат дефектите.