Во Прилеп тројца новозаразени, вкупно 103 заболени од корона вирус

by Frosina Fakova

Во Прилеп денеска се регистрирани три нови случаи на лица инфицирани со корона вирусот и вкупната бројка достигна 103 заразени лица. Во самоизолација се 422 лица, а изминатата ноќ граѓаните го почитувале полицискиот час и не се забележани негови прекршувања.

Прилепските градски власти ги информираат земјоделците кои не се регистрираа, а имаат потреба за работа во поле да го известат Општинскиот кризен штаб.

– Земјоделците кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности од сабота, 18, до вторник 21 април, да го известат Општинскиот кризен штаб на телефонскиот број 0800 00 210 каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност. Потребата за движење треба да се најави еден ден претходно, најдоцна до 20 часот. Притоа, точно треба да дефинираат времето и местото на извршување на земјоделските активности. Нема да сe издаваат дозволи за движење, туку само ќе се евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лицата ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици. На овој начин на неевидентираните земјоделци ќе им се овозможи непречено движење во викенд деновите, со цел извршување на тековните земјоделски активности, соопштија прилепските градски власти.

Во Прилеп се објавени и сервисни информации за работата на маркетите, аптеките и волонтерската служба во Општината. Дежурни се девет маркети, работното време на маркетите е од 7 до 15 часот, а доставата на нарачаната стока маркетите ја вршат со сопствен превоз.

За време на празничниот продолжен викенд во полицискиот час, дежурна аптека во Прилеп, во петок, сабота и недела е „Ремедија“ – 048/423-455, а од понеделник до недела 26 април е аптека „Мента Фарм 2“ со телефонскиот број 070 711 651.

Работното време на аптеките е 24 часа, по телефонски повик од лекарски тим од здравствената установа каде се спроведува дежурството. Волонтерската служба на Општина Прилеп ги има контакт телефоните: 048 401 700 и 0800 00 210

В сабота и в понеделник, 18 и 20 април, волонтерската служба на Општина Прилеп ќе биде достапна 24 часа, исклучително за доставување лекарства.

Поврзани новости