Иако по распишувањето на изборите, што се случи на 18 овој месец, требаше да запрат вработувањата во државната и јавната администрација, сепак на сајтот на Агенцијата за аминистрација се појавија нови огласи за вработување.
Истиот ден кога претседателот на Собранието Трајко Вељановски го потпиша распишувањето на предвремените парламентарни избори, што треба да се оддржат на 11 декември, општина Охрид објави оглас за вработување на двајца државни службеници. Едното работно место е за соработник за обработка на податоци за буџетска контрола, со плата од 22.483 денари, а второто работно место е за помлад соработник за прибирање на податоци за буџетска контрола, со плата од 20.900 денари.
Истиот ден оглас за вработување распишало и Министерството за образование и наука, за вдомување на тројца државни службеници. Односно, точно тогаш се сетиле дека им се потребни двајца советници, поточно државни просветни инспектори, со плата од 25.005 денари, а третото работно место е за советник за поддршка и развој на инспекторатот, со иста плата како и за претходните две работни места.
Наредниот ден, истото министерство објавило уште еден оглас, со кој бара уште двајца државни службеници. Едното место е отворено за раководител на одделение за координација на јавните набавки, со плата од 28.286 денари, а другото за советник за поддршка на јавните набавки, со плата од 25.005 денари.
Во предизборен период оглас за вработување, на 19 овој месец, реши да објави и Јавното претпријатие за комунални дејности п.о „Лакавица“-Конче. Едниот работник им е потребен за работното место помлад соработник за правни и општи работи, со плата од 17.145 денари, а вториот оглас е за вработување на портир, со плата од 12.000 денари.
Покрај овие огласи, кои не смеело да се објават, треба да запрат и оние кои се активни, а ги има стотина, односно биле објавени пред распишувањето на изборите, а траат и по распишувањето.
Според Изборниот законик, во член 8а став 1, се забранети предизборните вработувања.
„Од денот на донесување на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот…, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“, стои во Изборниот закон.
Валентина Вурмо