Собранието денеска ги изгласа измените на Законот за работните односи, кои се однесуваат на пензионирањето на 64 години за мажите. Ова решение, кое влезе во процедура уште од почетокот на ноември минатата година, остава можност жените да одат во пензија и со навршени 62 години возраст.
Измените овозможуваат продолжување на работниот однос до 67 години, но под строго дефинирани критериуми и постапка и само за дефицитарните кадри во здравството , во високото образование и научно истражувачката дејност.
Законот ќе почне да се применува од 30 јуни 2022 година. Измените на Законот кои беа предизборно ветување на владејачката коалиција, беа поднесени во Собранието во ноември лани.
Предлог-измените предвидуваат и исклучоци од задолжителното пензионирање. Поради недостиг на одредени стручни кадри, исклучоци е предвидено да се прават во секторите здравство и високо образование, каде што ќе може да се продолжува стажот до 67-годишна возраст.
Во здравството се предвидува директорот на здравствената установа еднаш годишно да го продолжува договорот за вработување на здравствениот работник кој има наполнето 64-години, но тоа да може да го прави сè додека тој не наполни 67 години.
Одлуката на директорот за продолжување на стажот на лекар или друг здравствен работник ќе мора да биде потврдена и од министерот за здравство.
Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која посочи дека според анализите на ресорното министерство до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6 000 лица.
Но, дел од нив веќе поднеле барање согласно актуелното законско решение до крајот на 31 август за продолжување на работниот век и после наполнување 64 години, а кој се однесува на 2021 година.