Општина Ѓорче Петров забрзано работи на изградбата на корзото во општинскиот парк, урбан споменик на минатото што се реализира преку Проектот за подобрување на општински услуги – МСИП кој го спроведува Министерството за финасии со поддршка на Светска банка. Вкупната вредност на инвестицијата е 21милион денари од кои 3,9 милиони се грант за изградба на улицата со калдрма.
На просторот на поранешното корзо се гради и амфитеатар за културни и забавни настани веднаш на потегот кон главната општинска улица. На делот што се граничи со паркот ќе се градат два павилјона со тераси и маси, а од едната и другата страна на шеталиштето ќе има дрвореди во кои се засадени над 40 нови дополнителни дрвца од кои половината се цветни дрвја со 100 дена цвет годишно. Освтлувањето ќе биде лебдечко со висечки магични завеси од светлечки прстени. Предвидено е проектот да се реализира до крајот на март.
Увид во градежните активности за изградба на крзото денеска извршија министерката за финансии Нина Ангеловска и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумоски.
Министрката Ангеловска посочи дека има одлична реализација на МСИП, особено во изградбата на локалната патна инфраструктура, и посочи дека во изминатите шест месеци во 13 општини е започната или завршена градба на повеќе локални патишта од кои корист ќе имаат преку 60 илјади граѓани. Дополнително, рече, преку МСИП се доделува и проектна документација на сите општини за изградба на околу 271 километар пат.
– Со 1,1 милион евра обрзбедени од Светска банка за 78 општини се обезбедува техничка документација за изградба на локални патишта до три километри должина, со што се очекува да се изврши изградба или реконструкција на 270 километри локална патна инфраструктура во земјава. Веќе 45 општини ја подигнаа проектината документација, а до крајот на март се очекува сите општини да ја добијат. На овој начин им се овозможува полесно да конкурираат за средствата од меѓународните фондови за изградба или реконструкција на локални патишта, рече Ангеловска.
Вкупна вредност на проектот за подобрување на општински услуги, потенцира, е над 100 милиони евра и досега има поддржано над 260 проекти во сите општини во државава.
-Целта на проектот е преку инвестирање во капитални проекти во општините да ги подобри услугите кои ги даваат и да влијае на подобрување на стандардот за живеење и економијата на локално ниво. Станува збор за проекти како изградба или реконструкција на локални патишта, водоводи, канализации, училишта, градинки, паркови, пазари, набавка на општинска механизација, машини, енергетска ефикасност,…,прецизира министерката за финансии.
Градоначалникот Наумоски посочи дека во минатото Општина Ѓорче Петров немаше ниту еден проект, а по неговото доаѓање на позицијата, како што кажа, има проекти буквално за се кои веќе доаѓаат на виделина.
-Соработката со Светската банка, преку проектните единици како Министерствто за финансии Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство се на високо ниво. За толку кратко период, успеавме да реализираме речиси 80 отсто од програмата која ја ветивме пред локалните избори, рече Наумоски.
Вложивме, потсети, околу 500 илјади евра во Дексион за изградба на атмосферска и фекална канализација, почнавме со изградба на затворен базен, спортски сали во две основни училишта, асфалтирани се над 70 улици, а почна вовед во градба и на најмодерната градинка во земјата во Волково.