Во Обвинителството постапка за кандидатот за потпретседател на Собрание, Хусни Исмаили

Од Обвинителството за „Фокус“ објаснуваат дека за Исмаили постапка водела и Финансиската полиција уште пред да поднесе иницијатива Државната комисија за спречување на корупцијата.

by fokus

Обвинителството води постапка за пратеникот и кандидат за потпретседател на Собранието, Хусни Исмаили од „Алтернатива“  кој порано беше и министер за кулутура. Од Обвинителството за „Фокус“ објаснуваат дека за Исмаили постапка водела и Финансиската полиција уште пред да поднесе иницијатива Државната комисија за спречување на корупцијата.

-По добиено известување од Управата за финансиска полиција од 20.8.2021 година, во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е оформен предмет по кој надлежниот обвинител на 16.9. 2021 година издаде Наредба за прибирање на потребни информации по која постапува Управата за финансиска полиција.

 

Во меѓувреме кон крајот на месец декември минатата година е пристигната и Иницијатива за кривично гонење поднесена од страна на Државната комисија за спречување на корупција. Со оглед дека станува збор за исто пријавено лице и настани, иницијативата е споена со веќе оформениот предмет, велат во Обвинителството за „Фокус“.

Во јавноста досега не се знаеше дека за Исмаили имало предмет и во Финансиската полиција. Државната комисија за спречување на корупција поведе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на Исмаили кој беше министер за култура од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година.

Се сомневаат дека извршил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020 поврзани со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.

Договорите и анекс договорите, според Антикорупциска, биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиските средства за проекти од национален интерес во областа на културата.

Исмаили тогаш се сомневаше во мотивите на Антикорупциската комисија со оглед на тоа што барањето за негова одговорност доаѓаше во време кога пратениците од Алтернатива беа клучен фактор за тоа кој ќе формира мнозинство во Собранието.

Исмаили е кандидат за потпретседател на Собранието од „Алтернатива“, а според последните информации од Собранието, расправата за него е завршена, но гласање немало. Треба да биде закажано продолжение на седницата и да се гласа за избор на потпретседателот, односно ако се соберат потребните  61 глас, Исмаили ќе стане потпретседател.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости