Во несреќно општество немаш право на среќа!?

by Fokus

Пишува: Тања АЛЕКСИЌ

Таму каде што се очекува елементарна пристојност без непристојни понуди, и очекувањата стануваат непристојни – во несреќно општество немаш право на среќа.

Брилијантниот Шекспир запаметен преку своите ликови како одличен познавач на психологијата на човекот и гнилежот на власта, ќе ја открие тајната на среќата во едноставноста на неочекувањето, или во императивот „ако сакаш да си среќен, не очекувај ништо“.

Во грчката митологија, непослушниот Сизиф бил казнет од боговите за предавство на нивните тајни и осуден вечно да го турка каменот низ угорнина. Но, Сизиф бил среќен во бесполезноста на работата, ги истрошил сите итроштини да ги надмудри боговите, се помирил со казната и не очекувал ништо.

Тоа се митови, реалноста е многу подраматична од трагедиите на Шекспир, а бесполезноста од апсурдни работи е исто како сол да сееш – ти нешто работиш, но ништо не никнува.

Човечки е да се очекува, дури и кога очекувањата и нивното дочекување се болни. Но како и кој да ги оправда елементарното отсуство на пристојност и сензационалното присуство на обезвреднување, понижување, вербално насилство, примитивизам и параноја?

Што да очекуваме од нашата младина, кога им го расипавме системот, и кое е правото на нас возрасните да им го оставиме Сизифовскиот камен за туркање. Сакаме воспитана младина во систем каде невоспитаноста ги отвора портите на успехот кој се вреднува низ призма на стекнат капитал – имаш, значи постоиш.

Сакаме читачки расположена младина која времето го поминува во читање книги, а фаворизираме брзопотезни инстант проекти, слични едни на други како купени на тезга. Кој би одел пеш по знаењето со временска посветеност, кога тоа може брзо да се купи и препродаде на пазарот на трудот, патем и да се исперат ,,валканите алишта“.

Градиме неморал – очекуваме високи етички принципи. Високите домови, високи само од градежен аспект, со години наназад покажуваат ниски страсти, се кршат еден од друг како Сцила од Харибда, без елементарно познавање на политичка и етичка култура од страна на своите „жители“ кои транзиторно ја менуваат формата, но не и содржината.

И така со години слушаме, повторуваме едно те исто, па исто и веруваме, оти стопати повторена лага станува вистина на авторитетите во едно општество. Секоја можност и очекување за нешто подобро се сведува на вербално пукање, но со сѐ послаба муниција.

На рафали, се враќа со рафали, никој никому не смее да му остане вербално должен (што ќе кажат во соседството, не си имал аргументи да го убиеш во поим противникот – значи не те бива). А аргументите за ,,убивање во поим“ се вулгарности кои веќе не се ни пакуваат во ,,фини“ цинични и иронични амбалажи, туку непреработени сирово и сурово се фрлаат в лице како употребени памперс пелени.

Наместо да се ислушаат забелешките и сугестиите на соговорникот, какви-такви, глувотијата на неукоста на неистомислениците се преобличи во улично дофрлување, простачко препукување и неподнослива леснотија на неаргументирани монолози, веќе кажани.

Но, да не заборавиме, повторувањето е мајка на убедувањето, колку повеќе повторуваш-толку повеќе убедуваш. Така се повторува циклусот на маргинализација на веќе маргинализираните, оспорување на оспореното, прегласување на изгласаното и „дежа ву“ на веќе виденото.

По познатите сценарија следуваат познато еуфорични аплаузи, како очекуван израз на безрезервна поддршка на дочеканото очекување. Сите сакаме театар, но не во својот дом (,,и ја волим позориште, али не у својој куќи“ – Родољуб Петровиќ), особено не во високите домови и институции, каде по сите правила на  очекувањето, очекуваме многу повеќе од реализираното.

Човечки е да очекуваш, Сизифовски е бесполезно да работиш, Шекспировски е да си среќен без очекувања. Но реторичкото прашање, толку  често повторувано до болка, е дали го заслуживме дочеканото очекување… И дали е реално да очекуваме воспитани млади луѓе на кои ние возрасните им го расипавме системот, оставајќи им го без право на очекување…

Реториката останува иста, исто како и очекувањата, па во очекување на поголема плата, навремена и со рок вакцина, иста пензија (поголема не се очекува), повеќе излив на љубов и бебиња, помалку одлив на мозоци, чист воздух и чисти вработувања, продолжуваме да го чекаме Годо во предворјето на Европа – и ништо не можеш, па тоа ти е!

Поврзани новости