Во Неготино се основаше Сојуз на велосипедски здруженија на Македонија

by fokus

Пред неколку дена во Неготино, 14 здруженија на велосипедисти од цела Македонија одржаа основачко собрание и основаа “Сојуз на Велосипедски Здруженија на Македонија” (СВЗМ).

Како што појаснува за ,,Фокус” Ристе Јанев, претседател на неготинскиот клуб Антигонеа Бајкинг, СВЗМ е основано со цел унапредување и промоција на велосипедизмот во Македонија, промоција на велосипедските патеки и настани во државава, како и меѓусебна поддршка на здруженијата за велосипедизам.

-Од името на СВЗМ топло ги покануваме сите останати велосипедски здруженија да ни се придружат со единствена цел заеднички да ги оствариме нашите идни планови и цели.
Заедно сме посилни, заедно можеме повеќе, вели Јанев, појаснувајќи дека клубот Антигонеа Бајкинг постои три години и е здружение на граѓани на сите категории вљубеници во велосипедизмот и други рекреативни планински активности.

Клубот се залагал со организирање манифестации, разни акции, активности и јавни дебати за промоција и активно вклучување на прашањето за велосипедизмот и други рекреативни планински активности.

Исто така, клубот превзема активности од хуманитарен карактер за поединци или групи кои се наоѓаат во тешка економска, социјална или здравствена положба.

Вики Клинчарова

Поврзани новости