Неготино, град во кој што веќе десет години се нема родено бебе, се гордее со зголемен наталитет. Денес, по повод Велигденските празници, беа доделени дури 120 вредносни ваучери, за прво, второ и трето родено дете, но и за машки лица над 40 години, кои што за прв пат стапуваат во брак, од страна на градоначалникот Ванчо Апостолов.
Доделувањето на ваучерите доаѓа како поттик на зголемување на наталитетот во општината, а започна да се спроведува во 2013 година.
За прво или второ родено дете, родителите добиваат по 7.000 денари, а за трето дете по 14.000 денари. Машките лица над 40 години, кои што за прв пат стапиле во брак добиваат исто така по 30.000 денари, а на денешната свеченост во салата на општината двајца новопечени младоженци добија вредносни ваучери. За женските лица над 40 години, кои што прв пат стапуваат во брак, не се предвидени ваучери, односно парична помош, а од општината не ја откриваат причината за тоа, и покрај тоа што во Неготино има голем број на постари немажени женски лица.
Според стручните служби при локалната самоуправа, во изминативе три и пол години, Неготино има доделено околу 700 ваучери.
Градоначалникот Ванчо Апостолов е покренувач и реализатор на оваа иницијатива.
,,Ваучерите се поделени за период од околу шест и пол месеци, и самата бројка ни кажува дека наталитетот во нашата општина од година во година расте, и тоа е за поздравување, а во план е донесување на уште неколку стимулативни мерки. Според статистиката, во 2013 година во Неготино беа родени 176 деца, додека минатата година 210 деца’’ – изјави тој.
И покрај тоа што наталитетот расте, Неготино е град во кој што нема гинеколошко – акушерско одделение, односно трудниците одат на породување во Кавадарци, Велес или Скопје. Тоа е редовна практика веќе десет години, откако одделението во здравствениот дом доби клуч на врата.
Кога породилното одделение престана да функционира, во 2007 година, тогашната директорка на болницата, и поранешна пратеничка од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Благородна Бојаџиева ни изјави дека во Неготино имало само двајца гинеколози, од кои едниот работел во приватна ординација во Кавадарци, а другиот бил концесионер, кој што одбивал да породува за сума од 6.000 денари. Во тој период граѓаните се жалеа поради тоа што трудници со породилни болки мораат да патуваат во други градови, но со тек на време се помирија со новата состојба и нема нова иницијатива за заживување на ова одделение во блиска иднина.
Вики Клинчарова