Во Македонија има 54 комунални депонии и стотици диви депонии, од кои 16 се со висок, 16 со среден 19 со низок ризик за животната средина, додека истовремено има и 16 стари еколошки загадени индустриски локалитети кои претставуваат сериозен ризик за луѓето кои живеат во нивна близина, алармираат од невладината Ајде Македонија.
„Околу 99 отсто од комуналниот отпад во Македонија се депонира, со што се пропушта можноста за зачувување на животната средина, отворање на нови работни места, поефтини суровини за индустријата и приходи за државата во облик на даноци“, велат од Ајде Македонија.
Од оваа невладина организација бараат имплементирање на правилата од домашното законодавство и стандардите наведени во Директивата за отпад, според кои треба да се работи на спречување на создавањето на отпадот, а доколку ова е невозможно, отпадот да се селектира, реупотреби, рециклира, компостира или да се добие биоенергија.