Илјадници луѓе се собраа во новозеландскиот град Крајстчрч, за да оддадат почит на жртвите кои загинаа во нападот на двете џамии на 15 март.
На церемонијата присуствуваше и новозеландската премиерка Џасинда Ардерн и нејзиниот австралиски колега, Скот Морисон.
На настанот во градскиот парк Хаглеј присуствуваа повеќе од 20 илјади лица во услови на строги мерки за безбедност.
Во обраќањето пред присутните Ардерн рече дека Нов Зеланд има „одговорност да биде местото, кое сакаме да бидеме“.
– Ние не сме имуни на вирусите на омраза и на стравот на другите. Никогаш не сме биле, но ние можеме да бидеме нацијата која ќе го открие лекот, рече таа.
Премиерката го опиша светот како „заглавен во еден маѓепсан круг на екстремизам“, додавајќи дека одговорот лежи во човечката хуманост.
– Овој напад беше насочен против сите нас. Поттикнат од омраза, овој чин требаше да нè раздели и да нè скара, но наместо тоа, тој нè обедини во сочувство и љубов што ги имаме едни за други, каде и да сме родени, изјави градоначалничката на Крајстчрч, Лиан Далзиел.
Членови на муслиманската заедница во градот на церемонијата ги прочитаа имињата на сите 50 жртви од кои најмалата имала само три години.
Уште 22 лица се уште закрепнуваат, меѓу кои е и едно четиригодишно дете кое е критично повредено.