Во ковид центрите во Скопје за 24 часа хоспитализирани 38 пациенти со симптоми на КОВИД-19

by Fokus

Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа, во Ковид-центрите во Скопје биле примени 38 пациенти со симптоми на вирусот КОВИД-19. До утрово во 8 часот, вкупно 382 пациенти биле хоспитализирани во овие центрите во Скопје.

-Капацитетите се генерално исполнети, но слободни места има, истакнуваат од Министерството за здравство.

Во последните 24 часа на интерните клиники имало 12 приеми и тоа четири во ковид-центарот на Клиниката за дерматологија, пет приеми во центарот на Клиниката за неврологија и три пациенти се хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие имало 18 приеми, а во ковид- центарот во ГОБ „8 Септември“ биле примени девет нови пациенти.

-Во моментов, на Клиниката за дерматологија во ковид-центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 24 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 53 пациенти со симштоми на корона вирусот. Во ГОБ „8 септември“ има 79 болни, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 158 пациент, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 42 пациенти, 14 деца и 28 возрасни, информираат од Министерството за здравство.

Оттаму нагласуваат дека слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.

-На Интерните клиники во ковид центрите на Клиниката за неврологија и на Клиниката за дерматовенерологија покрај постоечките 64 кревети, ќе се стават во функција и дополнителни легла, а од сабота пациенти ќе се примаат и во новите ковид центри на Клиниката за Гастроентерохепатологија и на Клиниката за нефрологија. Овие клиники располагаат со кислородни места за третман на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка. На Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ капацитетите се генерално полни, но во тек на денот се прават исписи на оздравени пациенти и постепено се ослободуваат дополнителни места. Оваа клиника располага со 56 места за лекување на ковид пациенти, велат од министерството.

Поврзани новости