Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 27 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 254 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти Министерството за здравство.
Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 10 приеми.
Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало девет нови приеми на пациенти и три на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле биле примени пет пациенти.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 23 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид – центарот се лекуваат 20 пациенти, на Клиниката за неврологија 13 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 28 пациенти со симптоми на корона вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 90 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 26 пациенти. На ГАК има една хоспитализирана ковид позитивна пациентка.
Вкупно 254 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.