Премиерот на Ерменија: Азербејџанските сили се обидуваат да окупираат населби во Карабах

by Fokus

Азербејџанските сили се обидуваат да заземат населени центри во Карабах, изјави ерменскиот премиер Никол Пашинјан.

Тој рече дека е во контакт со сепаратистичките лидери на Карабах и дека очекува руските мировни сили да реагираат за да се стабилизира ситуацијата.

– Азербејџан започна копнена операција со цел етничко чистење на Ерменците од Карабах. Изјавувам дека Ерменија не е вклучена во вооружени дејствија и нема војска во Карабах – рече тој во телевизиско обраќање.

– Во моментов ситуацијата е стабилна долж целата граница на Ерменија (со Азербејџан) – додаде тој, пренесе Index.hr.

Народниот правобранител за човекови права на Карабах Гегам Степанјан изјави дека како резултат на нападот на азербејџанската армија биле регистрирани „неколку жртви“ меѓу цивилното население на Карабах.

Азербејџанското Министерство за одбрана ги отфрли како „дезинформации“ извештаите за наводно гранатирање цивилни објекти за време на „антитерористички“ операции во регионот Нагорно-Карабах, велејќи дека цел биле само објекти воена инфраструктура.

„За време на локалните антитерористички активности извршени во регионот Карабах во Азербејџан, цивилното население и цивилните инфраструктурни објекти не беа на мета“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Поврзани новости