Во светот досега од корона вирусот се заразиле над 260 милиони луѓе, починале 5,2 милиони и оздравеле околу 235 мипиони жители, покажуваат статистиките.
Битката против пандемијата дополнително се усложнува поради најновиот сој на коронаворусот, откриен во Јужна Африка, кој го доби името „омикрон“, поради што Светската здравствена организација СЗО свика итен состанок.
Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка, на претставниците на СЗО им ја пренесе својата загриженост во врска со новиот сој на коронавирус Б.1.1.529, за кој се стравува дека е досега најлошата идентификувана варијанта на вирусот. Тој истакна дека новиот сој има многу голем број мутации, што носи ризик од брзо ширење на болеста.
Според последните податоци, оваа нова варијанта на коронавирусот во Јужноафриканската Република е дијагностицирана кај вкупно 77 лица.
Д-р Марија Ван Керков, техничкиот лидер на СЗО за Ковид-19, на вчерашната прес-конференција кажа дека се уште не се знае многу за оваа варијанта.
-Тоа што го знаеме е дека оваа варијанта има голем број мутации. А загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, тоа може да влијае на тоа како се однесува вирусот, рече Ван Керков.
-Новата варијанта на коронавирусот идентификувана во Јужна Африка е најзагрижувачката што сме ја виделе досега, изјави главниот медицински советник на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, доктор Сузан Хопкинс.
Таа истакна дека вредноста Р во Гаутенг, каде што е пронајдена новата варијанта, сега е два, што е „навистина е прилично висока“. Вредноста Р е просечниот број на инфицирани луѓе од едно заразено лице. Така, во Гаутенг, секој инфициран го пренесува вирусот на уште две лица.
ЕУ привремено ги суспендира летовите од Јужна Африка, а ограничувања за патувања од таа земја воведо и САД и Канада.
Во Израел е откриен првиот случај на зараза со новиот вид на коронавирус Б. 1.1.529, кај граѓанин кој се враќал од Малави, соопшти денеска прес-службата на израелското Министерство за здравство.
Идентификуван е еден случај на сојот Ну и во Белгија.
Сојот Б.1.1.529 првично детектиран во Јужна Африка, и попознат под името Ну има многу брз капацитет на репродукција и е веќе присутен во повеќе земји.