Пишува: Анте ПОПОСКИ
Да се случеше во недела сигурно ќе беше Sunday, Bloody Sunday. Вака ни се појави само како обичен четврток чие утринско сонце не навестуваше ништо друго освен уште едно продолжение на опозициските ветувања. Но тоа што денот може да ви донесе некогаш не може ни цела година – Овој беше од тие денови кога тоа што не го очекувате може да ви го смени животот. И го смени.
Истиот ден илјада километри понастрана и на сигурно, еден организатор спокојно ја држеше авионската карта во своите раце чекајќи од Schwechat да се упати кон нашиот заеднички дом, Македонија. Парите беа потрошени, последниот состанок завршен и задоволен местото не го држеше, посебно штом го слушна познатиот глас кој му ги соопшти најновите вести. Ја прекина линијата и помисли „Митко е професионалец. Сам си ја врши работата“. Се смести удобно во седиштето и мислите веќе лутаа гледајќи се како државнички мудро во раните часови и се обраќа на нацијата, на истата нација на која десетина години и го кршеше ’рбетот. Имаше чувство дека дома сите нестрпливо го очекуваат.
За тоа време Македонија крвареше.
Ова е расказот со кој организаторот го сврте вниманието на не така малиот аудиториум на независната и комерцијална театарска трупа на „Чом и Созен”. Низ еден антологиски театар, незапаметен уште од времето на Диво месо и Буре барут, на даските што буквално живот значат пастирот Груевски се трансформира во Agnus Dei и ја соголи душата во ретка коприна од чесност, човечност, сочувство и сентимент. Јагнето господово Груевски како лажна жртва „ги зеде“ на себе сите гревови и ги покри на ТВ екранот сите бои на инаку перфидното бесчувство и типичното технократско студенило. Danke, Tschomm!
Во истото тоа „историско“ интервју спомнатиот организатор во името на народот му се обрати на истиот тој народ. Се истопори со една очајничка теза пакувајќи го целиот народ зад вратите на Собранието, иако, кога вратите сами се отворија (о, какво ли провидение!), се зададе разулавена дива толпа промешана со дементни изроди и уценети осуденици. Обидувајќи се да прикаже дека парламентарното мнозинство е иницијатор на насилствата – типичен Мандела ефект – Груевски и подоцна неговите мегафони заборавија само едно: дека постои практично бесконечен видео запис на делото. Овој психолошки феномен опишува и објаснува изменета групна свест и мемориски содржини за одредени настани кои може да се движат од лесна променетост па одат до степен на бизарни фабрикации. Но сепак, во споредба со познатиот маневар сечено-лепено-монтирано нарачителите сфатија дека технологијата овојпат ќе биде уште побезмилосна во доказите.
Над ова дело треба длабоко да се замисли една булумента почнувајќи од разни Муковци и Василевци засега имунизирани но не бесконечно, одејќи понатаму до цела плејада маскирани гаражни занаетчии и униформирани јунаци од цртаните филмови. Дополнување на се претходно спомнато, кое потврдува дека на глупавоста и нема крај, е повторно обидот да се снесе овојпат конспиративна теорија дека парламентарното мнозинство ги организира насилствата со цел да ја дефокусира јавноста од главниот грев – изборот на Претседател на Собранието. „O TEMPORA! O MORES!“ – Некогаш навистина ми недостигаат Митко Врапчето и архиекипата, чиј начин беше Донкихотовски со исукан меч врз комуњарите и Шиптарите и сите неистомисленици, но витешки искрен и без подмолност и византиски валканици, и во репликите и во делата.
Но, да го оставиме накратко Пастирот како сценарист и да разгледаме еден концепт во кој Груевци како нововремски фрагмент се вклопуват и претопуваат без поголеми потешкотии – концептот и системот кој го прехрани практично целото нивно политичко постоење.
Овие простори одамна ја имаат спознаено играта со интересите на народот. Тука најмалку целам на националните интереси во уставна смисла (иако на крајот и тие дојдоа на дневен ред) онака како што многумина би очекувале денес да крикнеме дека истите се изневерени. Многу повеќе мислам на интересите во смисла на благосостојбата, развојот, сигурноста и иднината на земјата. Иако таа категорија не би требало да е воопшто растеглива, можете да замислите како ги толкуваат денес народните интереси Груевски и неговото тесно опкружување, а како мнозинството граѓани кои посакуваат земјава да тргне напред.
Точно имајќи ја предвид важноста на оваа рамка – народот и народните интереси – Пастирот и дружината безмилосно посегнаа, ги употребија и не ги заборавија туку ги зачуваа грижливо здиплени до следната прилика, до следната употреба. Ова дури и до мера, народот односно неговите потреби да се измислат ако е навистина неопходно во одредени случаи битни за каузата. Во целата оваа компликација единствено каузата остана кристално јасна во тоа дека нема никаква допирна точка со народот – нејзината папочна врвца води само и само кон фамилијата и е од исклучиво материјална природа.
Нашиот Раскољников рано ја усвои философијата дека луѓето се делат во две категории: обични смртници на кои им е доделено да бидат покорни и другите избрани, кои се над законите, моралот и нормите и кои зборуваат во името на народот. Истиот тој е сторител на двојно убиство – на негова душа лежат надежта и иднината на скоро секој граѓанин кој дише македонски загаден воздух. За среќа, духот на народот, континуирано реанимиран го преживеа злосторот и сега полека сплотено закрепнува. Во светот на НГ обичните луѓе најчесто се борат со својата сиромаштија и го носат товарот на општеството, тие страдаат и за најмали грешки, се казнуваат и прогонуваат, а на „великите“ луѓе – нема поубав пример од самиот Груевски, им е дозволено сè.
Сетете се само кого експресно го казни партиската пазарна инспекција – дали го памтите пензионерот од Аеродром кој продаваше коприви на улица за да преживее!? Казната согласно аналогијата повторно е формално во името на граѓаните, честопати донесена од партискиот суд во некој светнат партиски штаб и секогаш егзекутирана преку Swarovski циркусот како продолжена рака на сатрапот.
И така, година по година, од првата скината круша во комшиската градина до некој тендер и некоја следна кражба, од првата тепачка на избори до следната жртва, од првото украдено ливче до последната изборна измама – секогаш во име на народот и никогаш за народот! Но после толку години „малиот“ народ порасна. Повеќепати вакциниран, повеќепати ги преболе истите детски болести. Не ги заборави заушките, ниту шамарите, а најмалку сопките, така што од онаа дека „народот е во право дури и кога греши“ без намера никого да скоривам, некако се разви тоа дека „народот секогаш доаѓа по своето“. Овде алузијата не е на некакви ѓаволести особини на народецот македонски, туку повеќе како потврда дека таа симпатична луцидна мешавина во која се вбројувам и самиот точно знае кога ѓаволот ја однел шегата, односно кога неговиот слуга треба жестоко да се казни. Така и бидна. Тажниот сатрап заминува во историјата, за волја на вистината на нејзината темна страна, а историјата продолжува понатаму без него. Замислете, дури и шилото на вистината не застана, сепак и се уште се врти – Eppur si muove! Повторно без него и овојпат за сметка на народот. И за сметка на сиот негов гнев и неговата потреба за правда.
MEA CULPA, ME PAENITET
Во 2010 година британскиот премиер Камерон со говор во парламентот храбро се извини за Крвавата недела (Bloody Sunday) и жртвите кои ги предизвика Британската армија меѓу неворужени протестанти во Дери, Северна Ирска, години порано. По овој пример некое ново, позрело реконструирано и декриминализирано ДПМНЕ и неговото ново лидерство, независно од одговарањето на престапниците пред законот што е задолжително и обврска на новата власт, од истото место под покривот на законодавниот дом ќе мора да се огради и во свое сопствено име да му се извини на народот во чии ракавици ги направи сите црнила и се окрвави гарнитурата на Груевски. Пред се, ова се однесува на настаните од 27 април и 24 декември кои се случија во храмот на демократијата, но и за сите криминали откриени со бомбите, за убиството на Нешкоски, нерасветлените случаи на Младенов, подоцна Крпач и ред други. Без тоа ризикуваат да остават зад себе мртво ткиво кое никогаш нема да се разгради, кое ќе ги интоксицира односите внатре во општеството и ќе биде темен облак за генерации и генерации припадници на ДПМНЕ и десно ориентирани граѓани.
Всушност, еден објективно составен извештај добиен преку ригорозна истрага ќе биде неопходен за да ги расветли настаните, улогите и аргументирано да ги обелодени иницијаторите на ова безумие. Во продолжение реформираниот судски корпус треба да ја преземе во свои раце правната разврска затоа што правдата не смее да биде слепа, но не треба и да остане нема. Вистинските случувања мора да добијат своја оценка, која согласно предзнакот ќе биде наградена со соодветни инструменти на пеналтиката. Само вака настаните ќе имаат заокружена разврска, со што ќе се покаже дека популистичките подметнувања и игрите кои лицитираат со уставните категории се премногу сериозни за да останат неказнети. Ова е единствениот начин со кој ќе бидеме препознаени како политички зрела целина – водена од прогресивните сили кои се на власт, но и во опозиција – која ментално и демократски е матурирана и подготвена за ерата на членство во Унијата и конечно, која со право го бара својот јарбол на Бриселската променада.
(Авторот е доктор на медицина и магистер по бизнис администрација)