80-годишниот македонски православен свештеник во Грција, Никодим Царкњас кон крајот на февруари бил нападнат и малтретиран од група млади Грци, објави Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Додека возел кон дома, патот на архимандритот Царкњас бил намерно блокиран од две возила, спречувајќи го да го продолжи да вози, точно пред понтискиот „Црноморски клуб на Алмопија“ во С’ботско/Аридеја. Откако учтиво побарал од групата да ги преместат возилата што му го блокирале патот, тие почнале вербално да го напаѓаат со лични и верски навреди.
Тие потоа го засилиле нападот така што му го оштетиле и го скршиле стаклото од автомобилот и се обиделе да влезат во автомобилот за физички да го повредат. За среќа, архимандритот Царкњас успеал да избегне дополнителна повреда и ја напуштил областа што е можно побрзо. Тој веднаш го пријавил настанот во локалната полиција и поднел тужби против сторителите.
-ОМД со почит апелира до грчката влада, странските делегации во Грција, Хелсиншкиот комитет во Грција и Европскиот суд за човекови права, да стават крај на овие неоправдани напади врз малцинските групи во Грција. Бараме грчките власти да ги осудат членовите на групата што го изврши нападот и да дадат пример со гонење на сторителите до целосна мерка на законот, велат од ОМД.
Дополнително, ОМД бара Владата на Република Македонија да го осуди овој напад и да воспостави политика на нулта толеранција за малтретирањето на македонските малцинства и нивните основни човекови права во соседните земји и во светот.