Препораката за воведување задолжителен рапид тест за влез во затворените простори за забава во Грција, кои работат само со вакцинирани, ја отфрлил грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и најави по два бесплатни селф тестови, односно тестови за домашна употреба за време на празниците, за сите граѓани, без разлика дали се вакцинирани или не, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на владината седница, Мицотакис рече дека им се обраќа на граѓаните со план во две фази: првата, пред празниците со масовно тестирање, а втората по Нова година со можност за дополнителни мерки во зависност од ситуацијата со пандемијата.
Рече дека првиот чекор е „безбедно да се поминат празниците, без да се замрзнат економијата и општеството, но и без подоцна да се плати цената од активностите од овие денови“ и додаде дека главното оружје во овој период е тестирањето
-Вистина е дека добив препораки за задолжителен рапид тест за сите за влез во просторите за забава. Ги отфрлив, бидејќи сметав дека една таква мерка ќе биде неправедна за вакцинираните и на крајот ќе биде многу тешко да се спроведе.
Па така, наместо да им наметнам нешто на сите, избрав да им верувам на сите. И токму за оваа цел државата ќе обезбеди уште два бесплатни селф тестови за целото население. Со препорака првиот да се користи за време на празниците, а вториот веднаш по Нова Година, објасни Мицотакис, повикувајќи ги граѓаните да се тестираат пред празничните масовни собири.
За бесплатните селф тестови кои се веќе пракса во Грција, Мицотакис објасни дека досега, државата обезбедила речиси 80 милиони во висина од околу 150 милиони евра.