Хонорарците денеска на протест повторно ќе се спротивстават на усвоените измени на законите за придонеси за хонорарна работа.
Потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права, граѓански здруженија, активисти и поединци соопштија дека остануваат цврсто на барањето доставено на 12 декември, целосно повлекување на законските измени.
Втората верзија на законот ја усвои Собранието и затоа незадоволството хонорарците ќе го изразат пред парламентот во 14 часот. Маршрутата од паркот Жена борец ќе продолжи кон Владата, а протестот ќе го заврши на платото УКИМ, каде ќе им се даде поддршка на студентите да издржат во зачувување на автономната зона и во промоцијата на своите барања околу Законот за високо образование.
Според последните измени во законот за хонорари, предложени од пратениците на ВМРО ДПМНЕ, вработените нема да плаќаат придонеси ако остваруваат месечни хонорарни приходи кои се помали од износот на просечната нето плата во земјата од 21.300 денари.
Тие ќе плаќаат придонеси само на разликата која ја надминува таа сума. Невработените, пак, кои примаат хонорари, се ослободени од плаќање придонеси до износот на минималната плата која сега изнесува 9.590 денари и ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг.