Внимателноста и респектот кон другите ни се враќаше

by Фокус

Во време кога претставниците на меѓународната заедница беа дочекувани во завојуваните републики со девизата дека нивните политичари се подготвени да умрат за татковината, јас, на смеа, им велев дека ние сакаме да живееме за Македонија. Некако, секогаш верував дека за умирање има време, сомневајќи се, притоа, во искрените намери токму на најгласните приврзаници на таа опција да умрат први.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Внимателноста и респектот со кој официјалната македонска политика се однесуваше кон другите народи на Југославија имаше свој пандан на меѓународен план во политиката на мирољубивото самоопределување.

Искрено верував и бев длабоко убеден дека во новите околности што настанаа во Европа по завршувањето на Студената војна, независноста е можна само со разумот и со правото.

Спротивно на доминантниот тренд на одбрана на своето преку напад на туѓото, во стотици мои изјави за светските и за медиумите на другите републики, како впрочем и за нашите, упорно го подвлекував она што беше позитивно во нашето досегашно живеење во југословенската федерација, не осврнувајќи се на обвинувањата на домашните националисти.

Меѓутоа, радикализираните состојби во Југославија и во Македонија не ѝ одеа во прилог на оваа умерена политика, па оттаму и честите неразбирања за моите намери како нејзин протагонист.

Така, обидот да се спасат народите на Југославија од војни, вклучувајќи го, се разбира, и македонскиот народ, и да се овозможи мирна транзиција кон демократија преку создавање конфедеративен сојуз предложен од претседателите на Македонија и на Босна и Херцеговина, Глигоров и Изетбеговиќ, беше толкуван како антимакедонски чин.

На ист начин се гледаше на македонската надворешна политика, која, наспроти гледиштето на националистите дека цената на независноста е секогаш изразена во крв, тврдеше со силна убеденост дека во денешна Европа, независност по мирен пат и со правни средства е можна.

МИРОЉУБИВО САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ

За моја среќа, тоа и се обистини. Во спротивно, да го парафразирам Абрахам Линколн, ниту дузина ангели не ќе беа доволни за да посведочат во моите добри намери.

Успехот на оваа умерена политика на преговарање и компромиси е што доведе до позитивна оценка на Бадентеровата комисија дека Македонија ја заслужува својата независност.

Потоа, врз основа на тој меѓународен документ, претседателот Глигоров испреговара мирно повлекување на ЈНА од нашата територија, а уште потака и до меѓународното признавање на нашата држава.

Сите овие успеси на политиката на мирољубивото самоопределување му ја одзедоа силата на екстремниот национализам во Македонија, кој ја чекаше својата шанса да покаже што знае.

И на наша среќа, не ја дочека. Иако не можеме да знаеме за она што не се случило, не треба многу фантазија да се замисли таа алтернативна политика што не ја доби својата шанса: бранување на националните чувства, конфронтација со ЈНА преку опколување и пукање на нејзините гарнизони, или пресметка со Албанците…

Уште помалку е потребна фантазија да се замислат последиците по Македонија од таквата политика.

Политиката што ја водевме, раководена од интересите на нашиот народ и нашата држава, внимателно ги следеше настаните во федерацијата и во републиките, одлучно држејќи се до принципот против војна, а за договор со останатите народи. Тоа беше политика што ја имаше целосната поддршка на Брисел и на Вашингтон. Поведение раководено од историската девиза „Слобода или смрт“ за мене беше опасно и глупаво и по малку комично во демократска Европа.

Затоа, во време кога претставниците на меѓународната заедница беа дочекувани во завојуваните републики со девизата дека нивните политичари се подготвени да умрат за татковината, јас, на смеа, им велев дека ние сакаме да живееме за Македонија.

БРАНЕЊЕ НА МАКЕДОНИЈА

Некако, секогаш верував дека за умирање има време, сомневајќи се, притоа, во искрените намери токму најгласните приврзаници на таа опција да умрат први. Фактот дека, во првите месеци на југословенската криза одевме, така да се каже, чекор зад настаните, кај нашите националисти, но и кај некои политичари од другите републики предизвикуваше недоумици за нашите намери.

Дома, неретко се слушаа обвинувања дека се подготвува голема измама и дека претседателот и министерот за надворешни работи не работат во полза на македонската независност, туку во полза на Белград.

Надвор, на Конференцијата за Југославија, по моето излагање, министерот за надворешни работи на Словенија, Рупел, не можеше да разбере дека она што нему му се чинеше  како „нешто помеѓу“ српската и словенечката политика е, всушност, автентична наша политика.

Тој, имено, веруваше дека нашиот избор е меѓу словенечката сецесионистичка политика и српската унитаристичка политика. Но, не беше така.

Нашите државни интереси налагаа да сопре војната и да се најде решение за југословенските кризи на конференциската маса.

Се разбира, интересите на завојуваните Словенија и Хрватска беа да се отвори уште еден фронт кон Србија, но таков развој на настаните не би бил во наш интерес.

Некоја деценија по војните, при посета на Македонија, на наводаџиското прашање на македонски новинар да кажат што мислат за македонската надворешна политика во време кога Словенија и Хрватска „крвавеа“, Кучан и Месиќ доблесно ја кажаа вистината.

Имено, дека македонската политика на најдобар начин ги бранеше интересите на Македонија.

(Продолжува)

Поврзани новости